Мени

Младите кривопаланчани ја оживуваат древната грнчарска традиција

22.05.2026 11:28 | Жаклина Цветковска

Во ЛУ Градски музеј од Крива Паланка започна реализацијата на проектот „Патот на стомната до изворот“, посветен на зачувување, промоција и пренесување на традиционалниот грнчарски занает како значаен дел од македонското културно наследство.

Младите кривопаланчани ја оживуваат древната грнчарска традиција

Проектот опфаќа работилници за рачно обликување на традиционални грнчарски предмети од глина, преку кои младите учесници од Крива Паланка ќе имаат можност непосредно да се запознаат со древните техники на изработка и со симболиката на предметите што со векови биле дел од секојдневниот живот на македонскиот народ.

Ќе се реализираат вкупно три работилници, а изработените дела ќе бидат претставени на изложба преку која јавноста ќе може да го проследи креативниот процес и резултатите од проектот.

Во работилницата учествуваат 15 ученици од ООУ „Илинден“ Крива Паланка од 6-9 одделение, под менторство на Пепица Јаначковска Стојчевска, ликовен педагог и Наталија Милковска, кустос етнолог од ЛУ Градски музеј – Крива Паланка.

Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура, како проект од национален интерес во културата за 2026 година.

Целта на проектот е преку креативен и едукативен пристап да се доближи традицијата до младите генерации и да се даде придонес кон зачувување на нашето богато културно наследство.