Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Од почетокот на годината 11 кумановци до 29 години се самовработиле со наповратни средства од државата и започнале сопствен бизнис.
Меѓу нив доминираат мажите, а жените поретко се осмелуваат да отворат своја фирма. Дел од младите самовработени се со средно, а дел со високо образование.
Самите процениле дека подобра варијанта е да отворат своја фирма. Се занимаваат со различни дејности и имаат доста добри идеи за бизнис. Дел се со работно искуство но има и почетници. - вели Младена Јаќимовска, стручен соработник за шалтерски услуги при вработување во Центар за вработување Куманово.
Димитар Ташевски, директор на Фондација за развој на мали и средни претпријатија Куманово објаснува дека со третина од фирмите отворени преку мерки за намалување на невработеноста управуваат млади луѓе. Ситуацијата е слична и во помалите градови во североисточниот регион.
Луѓето мислат дека сами можат да се снајдат и затоа се решаваат на ваков чекор. Тука сме ние како фондација или како консултантски куќи кои нема да ги оставиме сами на пазарот. Секогаш се нудиме да им помогнеме за да го продолжат она што го започнале. Треба постојано да ги набљудуваме, да им помагаме советодавно. Многу мал процент од тие што отвориле фирми доаѓаат за дополнителни консултации - изјави Ташевски.
Направено е истражување кое покажува дека 60 до 70 отсто од новоотворените фирми во последниве години успешно работат.
Се почесто во градот млади бизнисмени успешно водат семејни фирми кои ги отвориле нивните родители. Такви се примерите во најголемите кумановски компании: Алфи, ДБД, Кватро, Јуниор, Бос-трејд и други.