Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Превозниците на градскиот и меѓуградскиот автобуски превоз во градот бараат од СВР Куманово и локалната самоуправа да обезбеди паркинг простор за автобуси во градот.
Сопствениците на неколкуте претпријатија сметаат дека со тоа ќе се реши проблемот со непрописно паркирање на пошироките површини во градот, а пред се на булеварот „Октомвриска револуција„ за што имало поплаки од граѓаните.
Треба да се размислува за паркинг. Доаѓаат странци од Србија, Хрватска, одат до Кокино, се враќаат и имаме проблем со паркирање на автобуси. Сакаме да си платиме ама да бидеме обезбедени. Во секоја земја има паркинг да застане 15 метарски автобус. Ние сме град со 100.000 луѓе. Со три автобуси за екскурзија кога одиме ние ја блокираме „Октомвриска„ - вели Јовица Јанчиќ, сопственик на “Јоцо Турс“.
Славчо Јакимовски, самостоен референт за сообраќај во Општина Куманово посочи дека на Автобуската станица во градот има слободни перони, но на седница на општинскиот совет ќе се разгледа можноста дали превозниците можат да влегуваат внатре и ќе се преговара за цената. Тој најави дека поради тешката економска состојба на Општината оваа година нема да се инвестира во вертикалната сигнализација, туку сите проекти ќе се префрлат за догодина.
Превозниците кои вршат јавен и школски превоз укажаа на пропустите и проблемите со кои секојдневно се соочуваат во работењето. Тие потенцираа дека делот кај Зелен Пазар треба да се расчисти, а имаше и забелешки дека во Лојане и Ваксинце има премногу лежечки полицајци.
Од одделот за превенција при СВР Куманово на превозниците им беше објаснето дека наскоро полицајци ќе се возат во школските автобуси за да се спречи насилство, тепачки, недолично однесување и слично.