Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На граничниот премин Табановце, на македонско-српската граница, цариници од премините Табановце, Прешево, Пелинце и Прохор Пчински, вчера заедно го прославија Меѓународниот ден на царината.
За извонредната соработка и размена на информации, македонските колеги на српските им врачија благодарници.
Светската царинска организација традиционално, преку своите членки, доделува благодарници на лица и организации, кои придонеле за подобрување на координираното гранично работење. За извонредната соработка во делот на размена на информации од взаемен интерес, благодарници се доделени на царински испостави од царинарницата Ниш, и тоа на царинската испостава и терминал Прешево, царинската испоства Прохор Пчински, како и регионалниот центар за гранични работи Север, при МВР. Сакам дa им се заблагодарам на колегите за досегашната соработка и се надевам дека во иднина ќе имаме уште поголема соработка и поголеми царински успеси, - рече управникот на царинарницата Куманово Марјан Младеновски, при доделување на благодарниците.
Српските шефови на царинските испостави не го криеа задоволството што токму на предлог на нивните први комшии, колегите од Куманово, добиваат признание од Светската царинска организација.
На мене лично, но и за испоставата во Прешево, ова многу ни значи, бидејќи тоа е потврда за нашата успешна соработка во измината година. Тоа е причина која ќе не натера уште повеќе да работиме. Соработката и професионализмот со македонските колеги е на многу високо ниво, но секогаш има простор за повеќе. Ние имаме обврска да соработуваме, пред се околу размена на податоците, превозните сретства, бројот на патници или гужви во летниот период. Граничните премини Табановце и Прешево се најфреквентите во држава по бројот на возила кои поминуваат по коридорот 10, и по бројот на патници, но нашата одлична соработка придонесува да не дојде до некои поголеми застои. Нешто што е „виша сила„, пред се за пропусната моќ на овие премини, не се виновни царинските или полициските службеници, туку инфраструктурата на граничните премини. Таа е таква и не може во одреден момент да прими поголем број на возила и луѓе, - изјави Сенад Радончиќ, шеф на царинската испостава Прешево.
Колегите од двете држави разговараа и за продлабочување на взаемната соработка, а пред се за можноста за воведување на единствена контрола на патници, стока и превозни сретства од граничните служби на двете земји.
Иницијативата за билатерални средби на царинските служби од соседните земји е на Царинската управа на Република Македонија, а покрај на Табановце се одржа и на Богородица, Ќафасан, Делчево и Блаце.
Годинава меѓународниот царински ден е посветен на „Координираното гранично управување„.