Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Жителите од населбата „Перо Чичо“ со години наназад за основните здравствени услуги одат во амбулантите во градот, додека некогашната поликлиника во нивната населба пропаѓа. Запуштена и руинирана, таа потсетува на едно време кога услугите на јавното здравство им биле достапни на само неколку чекори од нивните домови.
Во минатото во амбулантата имало поголем опфат на медицински услуги, кои вклучувале лекарски прегледи и стоматолошки интервенции во две смени, педијатар, патронажна служба и лабораторија, со најсовремена опрема.
Во новата зграда било инсталирано и централно греење, а надвор изграден паркинг простор. Во меѓувреме, системот за парно греење е размонтиран и однесен, а паркингот обраснат во трева и запуштен. Објектот запуштен и поради тоа што станал мета на вандали, интервенирала и полицијата, па на влезниот дел се поставени решетки со синџир и катанец.
Граѓаните кои ги сретнавме во близина на амбулантата велат дека имаат огромна потреба од амулантата и бараат од надлежните да ја стават во функција на јавното здравство.
„Мојот сопруг имаше срцеви проблеми и тука безброј пати го носевме за терапија, на преглед или за некоја анализа. Сега свекрва ми, која има 92 години, би можела да ја носиме тука, бидејќи и се неопходни прегледи и одредена терапија. Но, приморани сме да одиме до центарот, иако сме на помалку од 100 метри од амбулантата. А и голема населба сме која треба да се опслужува, така што би било многу ефикасно за сите доколку тука можеме да ги добиваме барем основните здравствени услуги“, вели една жителка на населбата.
Кога овој објект би се ставил во функција ќе се намали притисокот на здравството во централните амбуланти.
Во запуштениот објект сега работи само еден концесионер, стоматолошка амбуланта која функционира од 2004 година.
„Тука се вработив уште во 1987 година, а од 2004 година сум концесионер на сопствена, самостојна ординација. Само ние работиме тука, инаку е празно и напуштено. Имаше и други стоматолошки ординации, работеа матични лекари, аптека, но еден по еден заминаа и го напуштија просторот. Пред осмостојувањето на Македонија, овој објект функционираше како поликлиника и жално е да се гледа како пропаѓа и као се распаѓа“ , истакнуваат д-р стоматолог Љиљана Андоновиќ и стоматолошката сестра Валентина Петковска.
Пред неколку години поради оштетувања на кровот започнала негова санација, но работите застанале на половина и не се завршени.
„Дојдоа, го открија, донесоа материјали, но подизведувачот не беше исплатен, па си ги собра работниците и замина. Таа година се погоди врнежливо лето и се беше поплавено - картотеките, просториите, дури водата стаса и до подрумскиот дел“, се потсетуваат д-р Андоновиќ и Петковска.
Од Здравствениот дом во Куманово, каде што припаѓа амбулантата во населбата „Перо Чичо“, велат дека имаат проект за реконструкција и реновирање на објектот.
„Службите веќе имаат изработен проект и обезбедени средства, санацијата на овој здравствен објект најрано би започнала кон крајот на наредната година, бидејќи претходно треба да се заврши целосно реконструкцијата на амбулантата во населбата „ Тоде Мендол “ и на Школската амбуланта“, велат надлежните.
Во меѓувреме се работи на реконструкција на амбулантата „Тоде Мендол“ . По завршување на овој проект ќе се започне со реконструкција и на Школската амбуланта, што според очекувањата е предвидено кон крајот на тековната 2024 година. По завршувањето на овие два проекти на ред би дошла и реконструкцијата на амбулантата во Перо Чичо.
Три проекти се спроведуват со самофинасирање од сметките на Здравствениот дом.