Мени

Над сто паднати дрвја, оштетени 18 автомобили во невремето во Куманово

22.07.2026 13:25 | Сузана Николиќ

Над сто повици упатиле граѓаните до надлежните општински служби по силното невреме што вчера попладне го зафати Куманово. 

Над сто паднати дрвја, оштетени 18 автомобили во невремето во Куманово

Најголем дел од нив, околу 70 проценти, биле за интервенции поради паднати дрвја, бандери и кровови, додека останатите се однесувале на пријавување материјална штета.

Утринава заседаваше Кризниот штаб за заштита и спасување на Општина Куманово, кој ја разгледа состојбата и последиците од невремето.

„Од МВР имаме информација дека имале 25 интервенции, од кои 18 се однесуваат на паднати дрвја или кровови врз автомобили. Има и паднати лимени кровови, но точната бројка сè уште не е позната, бидејќи екипите сè уште се на терен. Засега знаеме дека е откорнат голем кровен покривач на улицата „Благоја Илиев Гуне“, а помали оштетувања има на улиците „Ленинова“, „Гоце Делчев“ и булеварот „Октомвриска револуција“, каде што се оштетени покриви на гаражи. Според податоците од екипите на ЈП „Чистота и зеленило“, Територијалната противпожарна единица и Дирекцијата за заштита и спасување, на терен брзо се интервенираше и се расчистуваше до доцна попладне и во текот на ноќта, а активностите продолжија и денеска“, изјави Емилија Сларидис Јаневска, секретар на Општина Куманово, по седницата на Кризниот штаб.

Командирот на Територијалната противпожарна единица Куманово, Борис Станковски, рече дека пожарникарите интервенирале на околу 20 локации, најмногу поради оштетени кровови.

„Интервениравме на отстранување паднати лимови од кровови, како и на расчистување паднати дрвја од коловозите заедно со екипите на ЈП „Чистота и зеленило“. Имавме и интервенција за спасување лице заглавено во автомобил на раскрсницата меѓу улицата „Доне Божинов“ и булеварот „Октомвриска револуција“, поради надојдена вода, како и интервенција при пожар во куќа на улицата „Светозар Марковиќ“, во близина на гимназијата. Другите интервенции беа на поплавени куќи и подруми“, изјави Станковски.

Според директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ, во претпријатието биле пријавени повеќе од 100 паднати дрвја и на терен се ангажирани сите расположливи човечки и технички ресурси.

„Дел од дрвјата беа паднати во приватни дворови, а дел на јавни површини и во паркови. Приоритет ни беше расчистувањето на улиците и тротоарите во централното градско подрачје, за безбедно одвивање на сообраќајот и движењето на граѓаните. Се координираме со ЈП „Национални шуми“ и со останатите служби за навремено отстранување на последиците од невремето“, изјави Томиќ.

Надлежните побараа трпение од граѓаните, нагласувајќи дека последиците од невремето се големи и дека динамиката на расчистувањето не зависи само од нивната работа, туку и од постапувањето на другите институции. Во одредени случаи неопходно е ЕВН претходно да го исклучи напојувањето со електрична енергија, а МВР да изврши увид пред да започне отстранувањето на штетите. Таков е случајот со откорнатиот кров на улицата „Благоја Илиев Гуне“.

Кризниот штаб донесе заклучок да побара помош со дополнителна механизација и работници од ЈП „Водовод“, кои ќе се приклучат на екипите на ЈП „Чистота и зеленило“ во расчистувањето на теренот.

Во кругот на Општата болница Куманово паднале неколку дрвја, но тие биле брзо расчистени и работата на здравствената установа се одвива непречено.

На веб-страницата на Општина Куманово се објавени телефонските броеви на кои граѓаните можат да пријават материјална штета. Формирана е комисија која ќе врши увид на терен и ќе ја утврдува висината на штетата.

Иако станува збор за невреме какво што не паметат ни повозрасните кумановци, од Општина Куманово велат дека штетите се големи, но дека сè уште е рано да се утврди нивната вредност.