Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
До Подрачното одделение на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во Куманово досега не е поднесено ни едно барање за плаќање на придонеси за хонораци, иако од први јануари тоа е законска обврска за сите кои примаат месечен хонорар поголем од 9500 денари.
Од Фондот велат дека граѓаните секојдневно доаѓаат кај нив и се распрашуваат за процедурата, но не доставуваат барања. Во Кумановскиот фонд, за пријавување на придонесите за хонорари, одредени се 6 референти кои ќе ги примаат барањата и ќе ја вршат пресметката.
Барањето се поднесува на однапред подготвен формулар и го потполнува архиварот. Од документите потребни се: договорите кои се склучени со фирмата било да се еден, два, три, документ за индентификација, копија од трансакциска сметка и овластување за извршителот од правното лице. Во Фондот имаме задолжено неколку референти кои ќе ја вршат работата од почеток до крај, за еден договор или за едно лице“ - изјави Мирослав Стојановски, раководител на подрачната канцеларија на ПИОМ во Куманово.
Обврска да пријават хонорари во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување имаат граѓаните кои работат врз основа на авторски, договори за дело и други договори.
Со Законот за придонеси од задолжително осигурување, на хонорарците што треба самите да плаќаат придонеси, даден им е рок да ги платат придонесите за пензиско и здравствено осигурување до 15-ти во месецот за предходниот месец.
Хонораците се надеваат дека ќе има одредени измени на законот и, најверојатно, затоа доцнат со пријавувањето хонорари.