Невестинско поклонение на на 1 март во Конопница
Општина Крива Паланка и оваа година ја организира традиционалната културна манифестација „Невестинско поклонение“, еден од најрепрезентативните и најавтентични симболи на нематеријалното културно наследство на кривопаланечкиот крај.
Годинешното, 16-то по ред издание, ќе се одржи во недела, на 1 март 2026 година, во црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница – место каде вековната традиција, духовноста и народниот обичај се спојуваат во уникатен постсвадбен ритуал, препознатлив во поширокиот регион.
„Право на учество имаат сите снаи кои склучиле брак во периодот помеѓу двете Тодорови саботи, придружувани од своите свекрви, облечени во традиционални народни носии – впечатлива и симболична глетка што ја отсликува суштината на семејните вредности, почитта и заедништвото во македонската традиција“, велат од Општината.
Годинава, покрај традиционалниот обреден дел, програмата ќе биде збогатена и со културно-уметничка содржина, во која ќе настапи познатата македонската фолк пеачка и водителка Андријана Алачки, како и популаниот бенд „Синтезис“ предводен од виртуозот на кавал, зурла и гајда – Гоце Димовски, чија музика инспирирана од македонскиот фолклор ќе придонесе за дополнителна атмосфера и доживување на настанот.
Се очекува и оваа година манифестацијата да привлече бројни посетители, љубители на традицијата и добронамерници, кои со особено внимание го следат развојот на овој редок и жив културен обичај, што успешно се пренесува од генерација на генерација.
Манифестацијата се реализира под покровителство на Општина Крива Паланка, во организација на Здружението за рурален развој РЗР „Патник“, со поддршка од Месната заедница на с. Конопница, Центарот за култура и Градскиот музеј Крива Паланка, со заедничка мисија – зачувување, негување и промоција на нематеријалното културно наследство на регионот.
Општина Крива Паланка упатува отворен повик до сите граѓани да присуствуваат и заеднички да бидат дел од оваа уникатна манифестација – жив симбол на традицијата и локалниот идентитет.
Посебен повик е упатен до младите снаи и свекрви, чие активно учество на „Невестинско поклонение 2026“ во Конопница е од исклучително значење за продолжување на оваа ретка и вредна традиција.