Нов современ ехо-апарат доби Очното одделение во Кумановската болница
Очното одделение во Општа болница Куманово доби нов ехо-апарат со кој ќе се врши современа дијагностика и поквалитетна здравствена услуга на пациентите во Североисточниот регион.
Новиот современ апарат ќе се користи за откривање и процена на ретинално одлепување, крвавења, заматувања и oдлепување на стаклестото тело, откривање и мерење на одредени формации, откривање на туѓи тела, задебелувања и други патолошки промени. Потоа мерење на должината на очното јаболко – биометрија, која е неопходна пред операција на катаракта, одредени промени во ткивата околу окото и др.
„Оваа набавка е значаен чекор кон модернизација на медицинската опрема и подобрување на условите за работа на нашиот стручен медицински персонал, кој со својата посветеност, знаење и професионалност секојдневно се грижи за здравјето на пациентите. Новата опрема, заедно со стручноста и посветеноста на нашиот офталмолошки тим, претставува уште една можност за унапредување на услугите и грижата за здравјето на нашите сограѓани“, велат од Болницата.
Ехо апаратот е во вредност од 1.95 милиони денари и е дел од вкупната набавка на медицинска опрема во вредност од 108 милиони денари за Општата болница Куманово, која е обезбедена од Министерство за здравство, Фондот за здравствено осигурување и Владата.