Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Новогодишното пазарче на малиот плоштад годинава да биде поорганизирано и без диво поставени тезги, побара советничката од НСДП, Сунчица Јосифова на денешната седница на општинскиот совет.
Јосифова вели дека сите тезги треба да бидат унифицирани, за да новогодишното пазарче изгледа и функционира подобро.
“Во пресрет на Нова година и 8 март се поставуваат тезги на малиот плоштад без никаков ред, заградени со најлони и картони. Дали се размислува да се дислоцира или да се издаваат под наем уницифирани тезги“ - праша Јосифова.
На ова градоначалникот Зоран Дамјановски одговори дека унифицирани тезги има, а инспекциските служби ќе се потрудат да ги сузбијат дивите продавачи.
„Оние кои се од минатиот состав на Советот, знаат дека набавивме 30 тезги кои ги даваме на малиот пазар. Тие се унифицирани, дрвени, со капаци. Оваа година се планира да организираме пазар, но не сум цврсто убеден дека ќе останат само овие тезги. Добив гаранција од инспекцијата, која во последната половина од годината агресивно се справува со дивите продавачи, дека дека ќе спроведат акција“ - рече градоначалникот.
Дамјановски се надева дека оваа година ќе се воведе ред на новогодишното пазарче пред Центарот за култура.