Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На есен ќе започне реконструкцијата на Општа болница во Куманово. Проектот вреден околу 1 милион евра, предвидува целосно реновирање и осовременување на повеќе одделенија и подобрување на условите и третманот на пациентите, како и за работа на медицинскиот персонал.
Во првата фаза, ќе бидат опфатени 5 објекти и тоа: зградата во која се сместени одделенијата за хирургија, гинекологија, интерно и детско. Потоа објектите каде се наоѓаат ушното и очно одделение, неурологија и психијатрија. Целосно ќе се поправи и старата зграда на инфективно, а ќе се изградата нови објекти за потребите на трансфузиологија и дијализа - вели директорот Ариф Латифи.
Во Министерството за здравство веќе е завршена тендерската постапка и се очекува почетокот на градежните работи. Овој зафат е дел од првата фаза од проектот за реконструкција на 20 јавни здравствени установи во Македонија за што се предвидени 23 милиони евра од Банката за развој и исто толку од Владата. Вкупната вредност на проектот чини од 130 до 150 милиони евра.
Освен Општата болница во Куманово, со првата фаза од проектот опфатена е и изградба на нова зграда на Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“ во Скопје, реконструкција на Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Чаир“, поликлините „Идадија“, „Букурешт“ и „Јане Сандански“, општите болници во Прилеп, Велес, Струмица, Гостивар, Охрид, Кочани и во Крива Паланка, Психијатриската болница „Негорци“, Специјалната болница „Јасеново“ и Клиничката болница во Тетово.