Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општината нема обврска да изготви стратегија и да донесе мерки за спречување на прекомерната бучава во градот, но екологистите велат дека нема ниту забрана, па ако локалната самоуправа е одговорна треба да ги следи приоритетите и здравјето на граѓаните
Општина Куманово нема изработено стратегија ниту предвидени мерки со кои ќе ја намали бучавата во градот. Од општинските служби велат дека тие немаат обврска да донесат таков документ и да преземаат такви активности, затоа што тоа е надлежност на други институции кои треба да се занимаваат со оваа проблематика.
„Општина Куманово нема направено акциски план, стратегија или мерки за справување со бучавата во градот. Ниту, пак, имаат законска обврска, за изготвување на еден таков документ. Ниту една локална самоуправа не се занимава плански и долгорочно со оваа проблематика. Законите одредуваат кој, кога и како би требало да детектира, врши мерења и презема активности за изворите на најголемата амбиентална бучава, па доколку секој би се занимавал со своите надлежности и обврски не би постоел ваков проблем во урбаните средини“, објаснуваат нашите соговорници.
Наспроти ова, екологистите велат дека секоја одговорна локална самоуправа мора да и даде приоритет на животната средина и да креира долгорочни мерки со кои ќе ги подобри условите за живот и здравјето на граѓаните, независно дали има законска обврска или не. Тие потсетуваат и дека нема забрана општините да донесуваат свои мерки за заштита од бучавата.
Професорката Олгица Вељковиќ од партијата ДОМ, пред две години на Општина Куманово и доставила предлог мерки во неколку точки со кои се предвидува намалување на атмосферското загадување и бучавата, кои се предуслов за почист и помирен град.
„Нашиот предлог предвидуваше првин како основно, зголемување на буџетот за екологија. Потоа садење на дрвја, поточно обиколување на училишните дворови со дрвореди од бел јасен, кој е препорачан од науката за садење во урбани средини од повеќе аспекти. Задолжително формирање на зелен катастар. Ограничување на дотур на стока до маркетите и продавниците во точно определен временски период, особено во централното градско подрачје. Во доставениот предлог побаравеме дел од предлозите да се решат веднаш, но до денешен ден нема имплементација на ниту еден. Крајно време е нешто да се преземе. И онака не се диши во градот, па и бучавата дополнително ни го загорчува животот. Немаме ни мирен, спокоен и квалитетен сон со што дополнително се нарушува нашето здравје“, вели Вељковиќ, која е дипломиран технолог во пензија и долгогодишен екологист.
И од Комисијата за животна средина во Советот на Општина Куманово потврдија дека нема стратегија за бучавата, а комисја речиси и не работи, бидејќи од нејзиното формирање досега одржала само еден состанок.
За дел од проблемите поврзани со бучавата и другите еколошки прекршувања е надлежен Секторот за инспекциски надзор, при Општина Куманово. Оттаму велат дека тие редовно постапуваат по поплаките на граѓаните, а дека во делот на сообраќајот општината презема сериозни мерки.
„Општина Куманово има ингеренции да казнува за преголема бучава угостителски објекти, но процедурата е подолга. Измерените вредности треба да ги верификува акредитирана лабараторија и дури потоа можеме да изречуваме предупредување, мерки или санкции - по потреба. По пријавите постапуваме во соработка со Државниот пазарен инспекторат и полицијата. Во делот на сообраќајот со нашите спроведени проекти се обидуваме да се зголеми протокот и намали притисикот на „тесните грла“ во Куманово со отстранување на семафорите и изградба на кружни текови, кои досега се покажаа како најдобро решение“, изјави Бобан Бојковски, раководител во локалниот инспекторат.
Куманово е прогласен за најбучен град во државата според Годишниот извештај за квалитетот на животната средина за 2022 година, кој го објави Министертвото за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Сообраќајот е најзначајниот фактор за висока атмосферска бучава во Куманово, но и разгасите на верските објекти, угостителските објекти, клима уредите во деловните и индустиски објекти, семејни веселби и пуштање на музика на разгласи...
Куманово е рекордер и во однос на екстремната бучава, која е повисока дури за повеќе од 50 отсто од дозволеното.
Екстремно високо максимално ниво на бучава е измерено во пролетниот период во Куманово и изнесува 95,80 децибели, што е за 35,80 д/б над граничните вредности.
Рекордот е постигнат на крстосницата на ул. „Борис Кидрич“ и „Гоце Делчев“, или попрецизно на крстосницата кај т.н. Уред.
„Нивото на вечерната бучава значително се зголемува во однос на дневната на мерните места: крстосницата на улиците „Трета МУБ“, „Гоце Делчев“ и „Бајрам Шабани“, во т.н. Серава и во близина на Општа болница Куманово, поточно на крстосницата меѓу улиците „11 Октомври“ и „Сава Ковачевиќ“. Благо намалување на бучавата има во вечерните часови меѓу улиците „Братство единство„ и „11 Октомври“, стои во извештајот.
Во текот на ноќта, пак, на сите мерни места е измерена поголемо ниво на бучава од дозволената, а посебо се издвојуваат крстосниците меѓу улиците „11 Октомври“ и „Сава Ковачевиќ“, кај Општата болница, на ул. „Народна Револуција“ и „Кирил и Методиј“, кај училиштето „Браќа Миладиновци“ и на ул. „Народна револуција“ и „Тоде Думба“, на раскрсницата кон Градските гробишта.
Граѓаните бараат надлежните општински служби и МВР да преземат конкретни мерки и да го решат проблемот со неконтролираната бучава во градот.