Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На јавен оглас ќе се бира фирма која ќе изработи и постави 32 унифицирани автобуски постојки во градот.
На предлог на Сектор за комунални работи, унифицирани стојалишта ќе добијат главните улици во градот на кои сообраќаат 26 редовни автобуски линии.
На јавниот оглас ќе бидат понудени 32 локации од постоечките 171 автобуски постојки во градот.
„Толку стојалишта се изберени за да дојде до нивно уницифирање. Тие се наоѓаат на самите главните сообраќајни артерии: на булеварот Трета МУБ од кружниот тек кај поранешен Монопол до кружниот тек на т.н. Митев мост, булеварот Октомвриска револуција, потоа улиците: Доне Божинов и Гоце Делчев, 11Октомври, 11 Ноември, Тоде Мендол и Народна Револуција. Тоа се главните сообраќајници по кои се движат 26 линии кои моментално го опслужуваат градот“, објасни пред советниците Лидија Ланг Спасовска, раководителка на секторот.
Таа додаде дека се планирани три типа на автобуски постојки: помали, поголеми и постојки кои ќе имаат и билетарници. Сите тие ќе бидат самоодржливи, односно на сите нив ќе има фотонапонски панел, кој ќе обезбедува струја за рекламирање и за одредени други содржини, кои ќе бидат понудени од оние кои ќе го добијат тендерот на јавниот оглас.
Истовремено најповолниот понудувач ќе има обрска сега сегашните постојки да ги дислоцира и да ги постави на оние места каде општината ќе определи.
„Идејата е истите да не бидат уништени и да можат и понатаму да бидат користени од страна на граѓаните, додека не дојдеме до некоја одредена фаза за сите 171 постојки, кои исто ќе изгледаат на целата територија на Општина Куманово“, објасни Спасовска.
Автобуските постојки кои сега се во функција беа поставени во 2017 година од превозниците, како обврска во договорот за линиски превоз.
Одлуката за новите постојки ја поддржаа 17 советници, додека двајца беа воздржани. Предлогот претрпе корекција од предлагачот, па наместо 6.000 денари поединечната цена ќе биде 9.000 денари. Корекција на цената, беше кажано на седницата, дека се прави по сеопфатна анализа од страна на Секторот за комунални работи и стручните служби.