×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Оштетениот мост на Пчиња чека реконструкција, пролетните дождови го зголемија стравот дека ќе падне

    15.05.2024 11:41 | Оливера Пешевска

    Жителите на селото Пчиња со страв го минуваат оштетениот мост, откако водостојот на реката се зголеми поради обилните врнежите од дожд.

    Оштетениот мост на Пчиња чека реконструкција, пролетните дождови го зголемија стравот дека ќе падне

    Според прогнозите во наредните неколку дена не очекуваат пролетни, повремени, поројни дождови кои повторно можат да го загрозат сообраќајот по единствената врска на селото со Куманово.

    „Човек со скршена нога не може да трпи товар, така и мостот, ќе чекаме да падне. Со години наназад апелираме дека доколку се обруши мостот половина село ќе биде отсечено и непристапно, и тоа само за основните потреби, башка што секојдневно минуваме поради нивите на другата страна од мостот. Неколку пати баравме средба со градоначалникот, не бевме примени, а и дел од советниците се запознаени“, истакна Александар Илиевски, претседател на Месната заедница Пчиња.

    Со години наназад се префрла одговорноста и надлежноста од локалната на централната власт и обратно. Патот преку Пчиња, води преку Вак’в, Винце и Д’лга до скопското Коњаре- Горно, Средно и Долно. Затоа и е категоризиран како регионален, а не како локален пат. До селото Вак’в има 2,5 километри пат- калдрма, Винце е одалечено само 6-7 километри, но по тој пат можат да поминат само теренски џипови, никако автомобил. Затоа на жителите им е апсурдна категоризацијата на регионален пат.

    Селото Пчиња е дел од Општина Куманово, и кон градот гравитираат мештаните, без разлика дали се работи за периодична посета на лекар или секојдневно доаѓање во градот на учениците во средните училишта или на работниците.

    „Се префрла одговорноста, но жителите го губат трпението. Не ја исклучуваме можноста да излеземе на протести, состојбата секоја година е се потешка“, истакнува Илиевски.

    Проект за реконструкција на мостот на реката Пчиња, општината изработила уште во 2018 година, но нема пари за негова реализација. Ниту во годишната програма на Совет на Општина Куманово не се предвидени средства за решавање на овој горлив проблем. Според груби проценки на градоначалникот Димитриевски, самата интервенција би чинела најмалку 300 илјади евра.

    „Општината нема капацитет да го реши проблемот сама и затоа аплициравме со два проектот кај европски донатори, за реконструкција и проширување на мостот во село Пчиња“,констарираше во јуни 2023 година градоначалникот Максим Димитриевски.

    Проблемот со мостот на реката Пчиња е присутен повеќе од 10 години, откако во поплавата во 2013 година е оштетен од надојдените води.  Мостот е изграден во седумдесетите години на минатиот век од тогашната ЈНА, и досега не е поправан.