Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општините од североисточниот плански регион досега подготвиле осум предлог-проекти за рурален развој, со кои ќе аплицираат за добивање на 30.000 евра од ЕУ, Швајцарска агенција за развој и ГИЗ РЕД, за изработка на техничка документација.
Се работи за различни проекти кои се однесуваат на инфраструктура, туризам, наводување, уредување на Бислимска клисура и слично. Денеска се одржа работилница на која претставници од општините од регионот, разговараа за други предлог проекти и идеи, од кои ќе биде избран најдобриот.
“До 9 февруари е последниот рок до кога треба Центарот за развој на североисточен плански регион да аплицира со еден проект, а до 15 март ќе се потпише договорот за финансирање. Вториот дел од работилницата ќе го посветиме на меѓурегионалните проекти, меѓу североисточниот и источниот регион. Со скопскиот регион најверојатно ќе правиме физибилити студија за Скопска Црна Гора, но тие проекти ќе мора да бидат одобрени од страна на Германското друштво за соработка ГИЗ РЕД“ - изјави Младен Протиќ, раководител на Центар за развој на североисточен плански регион.
Општина Крива Паланка заедно со источниот регион, сака да направи физибилити студија за туристичките потенцијали на Осоговските планини.
“Вчера имавме средба со претставници од Пробиштип, Кочани и Крива Паланка и сите излеговме со еден предлог, да се направи комплетна студија за Осоговските планини. Покрај искористување на природните ресурси, бидејќи на Осоговските планини долго се задржува снег, добро би било да се знаат потенцијалите и убавините што ги пружа и како да се искористат“ - вели Душко Арсовски, раководител на сектор за локален економски развој во општина Крива Паланка.
Целта на овие проекти е да придонесат за развој на руралните средини во нашиот регион.