Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во селото Умин Дол денеска беше осветена црквата „Свети Никола Летни“.
Оваа црква мештаните со самопридонес и донации почнаа да ја градат во 2002 година и нивна желба беше на празникот Мала Богородица да го осветат храмот. Чинот на осветување на црквата го изврши владиката Кумановско-осоговски Јосиф.
Ние завршивме едно убаво дело, завршивме дело градено со љубов, за вечноста. Се собравме заедно и го осветивме овој храм исполнувајќи ја волјата Божја, со усната молитва го повикавме духот свет да го благослови ова дело. Навистина секоја ваква случка претставува голем настан во нашиот црковен живот. Посетувањето црква претставува творење и за идните генерации, создавање културни вредности кои ја изразуваат културата, духот и верата - изјави владиката Јосиф.
Добре Петковиќ од црквениот одбор во Умин Дол вели дека уште треба да се работи на црквата, но важно е дека е осветена и може да се прават венчавки и крштевки.
Мислам дека стигнавме до некаде. Внатре е сè направено. Има уште од надвор нешто да се доправи, важно да се освети за да повеќе венчаваме, крштеваме, затоа и го правиме да не зближува духот православен. Кога има вакви работи и народот е поблизок, подобар, До сега немавме црква почнато е уште пред Втората светска војна, но по комунизмот се откажаа - кажа Петковиќ.
Умин Дол се наоѓа на 10 км од Куманово, а во селото живеат повеќе од 300 жители.