×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Отворен фестивалот „Денови на комедија“, доделена наградата на лауреатот Сашко Коцев

    25.09.2024 09:59 | Оливера Пешевска

    Во Центарот за култура во Куманово, синоќа беше отворено 27 - издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија 2024“.

    Отворен фестивалот „Денови на комедија“, доделена наградата на лауреатот Сашко Коцев

    Беше доделено признанието „Васил Иљоски“  за особен придонес во комедиографијата на Сашко Коцев, кој своите актерски почетоци ги имал токму на таа сцена.

    „За театар се потребни двајца, едниот да игра на сцената, а другиот да гледа, тоа е публиката. Никогаш не би можеле да постоиме без вас. После ова најбитно е човек да не се конзервира, после ова за мене е уште потешко, одговорноста и очекувањата се уште поголеми. Верувам дека нема да ја изневерам публиката и тука сакам да се заблагодарам и на жирито и на публиката за ова големо признание“, истакна во своето обраќање Коцев.

    Тој се заблагодари на најголемите учители во неговиот живот најпрвин неговите родители, неговиот ментор од кумановскиот театар Горан Илиќ и професорорт на факултет Владимир Милчин.

    Одлуката Коцев да ја добие наградата ја донесе едногласно Советот на фестивалот, во состав Сашо Тодоровски, Владанка Крстевски, Александра Михајловска Величковски, Цоки Ристовски, Крсто Богојевски и Сефедин Шабани.

    На отворањето беше потенцирано дека фестивалот е радост и возбуда за публиката и цели 27 години нуди квалитетна програма со која го одржува богатото културно ниво на Куманово и на Македонија. 

    Фестивалот го отвори претставата „Вечера за глупаци“ од Велешкиот театар,  работена според текст на Франсис Вебер, во режија на Ненад Витанов. Главната улога ја има Фаик Мефаиловски, а покрај него играат Жарко Спасовски, Благојчо Стојанов, Талија Настова, Јордан Витанов, Кире Ацевски и Сандра Танчева. Вечерва на програмата е „Секс, лага и љубомора“ на Театар „Глигор Прличев“ од Охрид.

    Ова година на публиката ќе и се претстават театарските ансамбли на Македонија, Враца и Плевен од Бугарија, театрите од Врање и Ниш, Србија, Театар Комедија од Скопје, од Тетово, Кумановскиот театар и со албанската и со македонската драма, Театарот од Штип. Во вон- фестивалската програма ќе се играат две претстави на студентите од Факултетот за драмски уметности Скопје и Факултетот за аудио-визуелни уметности ЕСРА.

    Фестивалот „Денови на комедија“ традиционално ќе го затвори Кумановскиот театар, со „Ноќ спроти водици“ на 8 октомври. Веќе следната вечер, на првата реприза ќе бидат доделени наградите за најдобра претстава, режија, машка и женска улога, сценографија и костимографија.

    Фестивалот е поддржан од Министерство за култура со 600 илјади денари и Советот на Општина Куманово со 330 илјади денари, а помагаат и спонзорства од приватни компании од градот.