Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
,,Нереално е пред 1 јули да се одржат предвремени избори, бидејќи во претстојните неколку месеци не можат да се извршат неопходните подготовки за создавање услови за чесни и фер избори. Не смееме да дозволиме да не преведат жедни преку вода‘‘ - рече на синоќешната трибина во Куманово претседателот на НСДП Тито Петковски.
Тој во едночасовното обраќање до членовите и симпатизерите на неговата партија говореше за актуелните состојби во државата по излегувањето од Парламентот од страна на пратениците на четирите опозициони партии - СДСМ, НСДП, НД и ЛП.
„Во политичката јавност, меѓу граѓаните се поставува прашањето дали бојкотот на работата на Парламентот е делотворен чин за целите што опозицијата сака да ги постигне - да предизвика предвремени избори и да ја сруши владата на Никола Груевски. Јас тврдам дека делотворноста е очигледна. Со чинот на напуштање на Собранието ние за десет дена постигнавме резултат каков што не успеавме да оствариме во изминатите четири години владеење на оваа Влада. Денес правосудството ја симна блокадата на сметката на А 1 телевизија и од затворски притвор пушти во домашен притвор двајца осомничени од случајот „Пајажина„. Има сигнали од мнозинството во Парламентот дека ќе биде удоволено и на останатите шест или седум барања меѓу кои и повлекувањето на министерот Михајло Маневски од Судскиот совет, како и прочистувањето на избирачките списоци и обезбедување услови за чесни и демократски избори. Ќе се вратиме во Парламентот во моментот кога ќе почувствуваме дека таму работите се одвиваат според законска и демократска процедура. Под притисок и на меѓународната заедница власта ќе мора да ги тргне рацете и од слободата на медиумите. Инаку во четири од седумте барања како услов за да се вратиме во Парламентот, ние од НСДП се совпаѓаме, а во преостанатите три се разликуваме во нијанси„ - рече Тито Петковски на трибината. НСДП меѓу другото, ќе инсистира и на поголема ефиксаност на државната ревизија и контрола на трошењето пари од буџетот, на измени на Законот за јавниот сервис МРТВ и неконтролираното трошење пари за рекламирање на Владата.
„Владата на Никола Груевски и неговото популистичко владеење мора да се сруши. Тој победи на изборите со најава како стручњак по економија да ја среди истата, а ја урниса. Група нови луѓе во државната администрација како нови приврзеници за претстојните избори. Ја билда полицијата како на времето Милошевиќ и втерува страв во коските на народот плашејќи се од социјални немири и бунтувања какви што се случуваат во нашето соседство и во регионот‘‘ - рече Тито Петковски на синоќешната трибина во Куманово.