Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Дел од Градскиот плоштад е претворен во авто пазар. На улицата „Гоце Делчев„ постојано се продаваат автомобили,главно со странски, или без регистарски таблички, кои се паркирани на плочникот и коловозот, и го попречуваат сообраќајот.
Никој од надлежните засега не реагира, па граѓаните и возачите се гневни на ваквата појава.
Срамота! Во најфрекфентната улица во централното градско подрачје се продаваат автомобили. Оваа улица и онака е пребукирана, уште фалеше да се направи авто пазар. Полицијата и инспекцијата, како да не ги гледаат, наместо да ги тргнат - велат граѓаните.
Куманово нема авто-пазар и до реконструкцијата на плоштадот, автомобилите на диво се продаваа на истата локација. Познавачите на приликите велат дека постојат повеќе приватни авто-плацеви, но таму се наплаќа услуга за лежарина и не е толку фрекфенто како во центарот на градот.
Треба да одат во Скопје за да ги продаваат колите, бидејќи ние немаме простор за таква намена. Куманово има многу автомобили и Општината ќе има голема корист од пазарот, затоа треба што побрзо да го отвори. Вака останува продавачите да ги паркираат автомобилите каде ќе стигнат и да узурпираат простор по улиците - вели нашиот соговорник.
Oд јавното претпријатие „Пазариште„ велат дека интензивно работат на проектот за отварање на авто пазар. Тој ќе биде сместен до Сточниот пазар во селото Долно Којнаре.
Да се комплетира потребната документација и за релативно краток период градот ќе добие уреден простор за продажба на поволни автомобили-велат од таму.
И додека продавачите на увезените автомобили си го тераат бизнисот, а надлежните уредат простор за авто пазар, на граѓаните им останува со акробатски вештини да ги поминуваат улиците и да се справат со хаосот во сообраќајот.