Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Невладините организации и граѓаните реагираат дека не се доволно вклучени при подготовката на новиот Генералниот урбанистички план (ГУП) во Општина Куманово.
Тие бараат од општината, да распише нов конкурс, во кој ќе се вклучат повеќе организации и експерти, кои ќе придонесат за решавање на постојните проблеми во градот.
Од неформалната граѓанска организација „Green think“ од Куманово, сметаат дека транспарентноста за пријавување на невладините организации кои треба да учествуваат во подготовка на новиот ГУП била на не задоволително ниво.
„Нашиот став е дека сите проблеми произлегуваат од лошото урбанистичко планирање. Информирани сме дека Општина Куманово e во почетна фаза на формирање на тело за донесување на нов ГУП, но за жал имаме информација дека поради нетранспарентност за пријавување и не се вклучени доволен број на организации. Како град со 120 илјади жители, најмалку 20 граѓански организации треба да учествуваат. Апелираме, односно ги повикуваме Општина Куманово и ЈП „Куманово план“, повторно да објават оглас за повик на партиципативно учество за изработка на ГУП, со можност и електронски да се пријават, заради запазување на ковид мерките“, велат од организацијата „Green think“, која се залага за усовршување на постоечките зелени површни, Куманово без отпад и енергетска независност, односно зелена демократија.
Од Секторот за урбанизам при Општина Куманово потенцираат дека не може повторно да се распише конкурс, затоа што според Законот за урбанистичко планирање тој може да се спроведе само еднаш. Оттаму велат дека јавниот повик кој го распишале траел 31 ден и на него се пријавиле само 6 партиципиенти од кои сите биле вклучени во подготовките на планот.
„Јавен повик за учесници во партиципативно тело е строго пропишан со Законот за урбанистико планирање и истиот се распишува еднаш. Повикот беше објавен на веб страната и на огласната табла на Општина Куманово, согласно постапката пропишана во законот. Се пријавија 6 партиципиенти, дел од нив претставници на невладиниот сектор, а некои од нив се пријавија како поединци-активисти на невладините организации. Сите се влезени во телото, затоа што според законот сите пријавени стануваат дел иод него“, - објаснува раководителката на Секторот за урбанизам при Општина Куманово, Емилија Сларидис Јаневска.
Од „Green think“, меѓуостанатото, се залагаат за обезбедување на т.н. „зелен остров“ кој би требало да се направи во радиус од 30 илјади жители, а би значел надгледување на секој отпад којшто се одлага и се селектира на таа локација. Според Законот, Општина Куманово и сите други локални самоуправи имаат обврска да го обезбедат тоа. Тие сметаат дека доколку се направат вакви „зелени острови“ и за одлагањето на отпадот се дава парична надокнада дека би се решиле проблемите со многу депонии низ градот, па и со депонијата кај Туш, која и покрај чистењето за нецела недела се враќа во истата состојба.
(Ф.М.)