Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Раководството на Независниот полициски синдикат на Македонија синоќа одржа состанок во Куманово, при што излезе со став дека алармантно е зголемен бројот на поднесени тужби по разни основи од вработените, против Министерството за внатрешни работи.
На работниот состанок учествуваа полициски синдикалци од Куманово и уште четири полициски станици во регионот, при што беа целосно отфрлени заклучоците од состанокот на Единствениот Сојуз на Синдикати како неоснован и непринципиелен, бидејќи, како што беше речено, ,,не ги штити интересите на членството, туку е продолжена рака на власта и на министерката Гордана Јанкуловска‘‘. Со состанокот претседаваше првиот синдикалец на НПСМ Кронислав Мантароски.
,,Бараме нов колективен договор за правата на работниците во структурите на полицијата што заеднички ќе го изработат двата синдикати, бидејќи сегашниот го подготвија Единствениот синдикат и работна група на МВР по терк на власта‘‘ - се пожалија присутните на состанокот и изнесоа повеќе одредби од колективниот договор нејасно формулирани и штетни за правата од работен однос на вработените.
„Изложени сме на страв од најразличен вид притисоци, од казни за најситни прекршоци до суспензии од работа што јасно се гледа и од вака малиот број присутни на овој состанок‘‘ - рече синдикалецот од полициската станица во Сопот.
Енормниот мобинг врз вработените што го практикуваат раководните структури од највисоко до најниско ниво, резултира со енормно големиот број тужби против МВР од страна на полицајците што, за жал, се губат во лавиринтите на правосудството или се решаваат, по правило на штета на подносителите - тврдеа присутните на состанокот.
Инаку, Независниот полициски синдикат е активен од јануари 2007 година, во истиот членуваат над 1.300 вработени полицајци, а состаноците ги одржува надвор од полициските објекти, бидејќи нема право на пристап и активност во објекктите во кои членството работи и ги остварува останатите права од работен однос. Донесена е одлука членарината во НПСМ да изнесува 100 денари.