Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Дневниот центар за лица со посебни потреби над 18 години „Порака-наша„ заедно со своите пријатели од Прилеп, денеска го прославија Светскиот ден на лицата со хендикеп.
На свеченоста присуствуваа бизнисмени, политичари, советници , стопанственици, претставници од локалната самоуправа, невладини организации и граѓани, за да им дадат подршка на штитениците од Центарот, и да оддадат признание на нивните родители што со огромен труд и воља успејаа да го создадат и да го одржат Центарот.
„Немаме среќа сите да имаме здрави деца. Семејствата со хендикепирани деца живејат во постојан страв и несигурност за иднината на своите деца. Бидејќи е потребен посебен третман на децата, семејства најчесто се наоѓаат во тешка економска состојба. Поради тоа се отфрлени од околината, а децата ги кријат од јавноста. Општеството ги остава самите да ги решат тешките проблеми со кои се соочени. Без никаква подршка, родителите во слична состојба се здржуваат и се организираат сами. Така и ние пред 4 години ја формиравме нашата родителска организација, која ги застапува интерсите на децата со пречки во развојот. Ги здруживме силите, заедно со бизнис заедницата и локалната самоуправа, и го формиравме овој центар. Засега успешно работи и придонесе за полесно остварување на потребите на овие деца и подигање на свеста кај граѓаните за прифаќање на лицата со хендикеп“ - рече претседателката Благица Димитровска.
Присутните имаа можност да погледаат документарен филм за животот на штитениците во Центарот. Со нив секојдневно работат тројца дефектолози, кои им помагаат да научат како да се справат со обврските од секојдневниот живот.
„Самиот факт дека корисниците покажуваат резултати и одат напред за нас е успех. Тешко е да се работи со оваа категорија лица, но ние сме тука да им помагаме да ги надминат проблемите, да се грижат сами за основните потреби и да се потрудат да се интегрираат и надвор од центарот“ - вели дефектологот Фросина Симоновска.
По повод одбележувањето на Светскиот ден на лица со посебни потреби, присутните ги поздрави и претседателот на Советот Виктор Цветковски, кој побара од државата да го смени законот со кој се ограничува финасиската подршка на лицата над 18 години, и да им овозможи подобро и полесно справување со секојдневните пречки.
Секретарот на општината Оливер Спасовски, пак потсети за несебичната подршка на локалната самоуправа во изминатите 4 години за создавање и работа на Центарот.
Треба да се изрази голема благодарнсот и на сите други подржувачи на Центарот, меѓу кои се и медиумите од градот. Само заеднички и организирано ќе допринесеме за подобро место во заедницата, и лицата со посебни потреби да почувствуваат дека и тие се рамноправни граѓани и некој се грижи за нив- рече Спасовски.
Центарот „Порака-наша“ секој работен ден го посетуваат дваесетина лица со попреченост над 18 години. Обезбеден е превоз на корисниците од домот до просториите на центарот.