Мени

Пријава за жената која ги кршеше дрвцата на „Октомвриска“

18.03.2026 13:08 | KumanovoNews

Жената која уништи повеќе дрвца пред зградите на булеварот „Октомвриска револуција“ во Куманово ќе добие пријава за оштетување туѓи предмети.

Од СВР Куманово за Кумановоњуз информираат дека вчера биле преземени мерки за идентификација на жената, по што бил извршен службен разговор и било изготвено известување за случајот.

„На 16 март во 17:55 часот во СВР Куманово било пријавено дека на булеварот „Октомвриска револуција“ во Куманово женско лице ги кршело насадените дрвца околу зградите. По преземените мерки од страна на полициските службеници, констатирано е дека станува збор за Д.Н. (71) од Куманово и со неа бил извршен службен разговор. Против Д.Н. ќе биде поднесена соодветна пријава“, изјави Ивана Младеновска, портпарол на СВР Куманово.

Кривичното дело „оштетување туѓи предмети“ е регулирано со Кривичниот законик на Република Северна Македонија. Лице што ќе уништи, оштети или направи неупотреблив туѓ предмет може да биде казнето со парична казна или со затвор до три години. Приватна тужба можат да поднесат станарите на зградата или ЈП „Чистота и Зеленило“.

Од Секторот за инспекциски надзор при Општина Куманово велат дека жената ќе добие пријава и по Законот за комунални дејности, каде што е предвидена парична казна од 50 евра.

Уништувањето на младите дрвца се случило завчера, а настанот бил снимен од очевидци. На видеото се гледа како жената најпрво се обидува да скрши едно стебло, но откако не успева, револтирано се нафрла врз друго и ги крши младите гранки. Соседите велат дека оваа жена и претходно го уништувала зеленилото во паркот пред зградата.

Видеото предизвика лавина на реакции кај граѓаните на Куманово, кои бараат таа да биде соодветно санкционирана за својата постапка.

 

Пријава за жената која ги кршеше дрвцата на „Октомвриска“