Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
За своја душа и за сите скептици кои мислат дека вакво нешто не може да опстои во градот, младата кумановка Марија Колевски ја напуштила работата во профитабилниот ИТ сектор и пред три месеци ја отворила првата кафе книжарница „Букси“ во Куманово.
Урбано, оригинално место за сите локални книгомани во кое можат да ја подноват сопствената библиотека, да купат уникатен подарок или на мир да прочитаат некој ред со чаша топол пијалок.
Идејата за едно вакво место, тлеела со години кај сопственичката. Недостигало само да се направи конечниот чекор за да дојде до реализација. Не се кае за донесената одлука и смета дека конечно се пронашла себеси и своето вистинско место.
„Многу сакам да читам книги. Читам откако знам за себе, отсекогаш сум член на библиотека, позајмував книги. Подоцна, кога веќе имав и свои финансии почнав да си купувам и секогаш се замислував во некоја поголема библиотека, меѓутоа ја немав целосната слика што тоа точно би било“, објаснува Колевски.
Последните две години почнала посериозно и поинтензивно да размислува за отворање на кафе книжарница. Прво, во Куманово не постоело вакво нешто, а како личност секаде каде што патувала најмногу уживала да потроши време во некои слични книжарници.
„Ми се допаѓаше оној мир и целиот асортиман што може да се најде, навистина посебно чувство за искрен вљубеник во книгите како мене. Сакав да го доближам тоа искуство на нашиве кумановци, она за што мислев дека е во склад со трендовите. И можам да кажам дека има интерес, јас сум задоволна, за само 3 месеци имам доста посетители“ , раскажува Марија.
На почетокот во најголем дел посетители биле лицата што ја познаваат. Но, промоциите на книги што ги организирала во Букси, одржаните трибини, неколку работилници за деца привлекле различна и поширока клиентела. Читање на еко бајка, боење на колачиња од путер... и докажале дека дечињата многу внимателно слушаат, заинтересирани се за читање, за слушање приказни и
длабоко верува дека интересот може да се разбуди кај секое дете.
„Јас бев многу пријатно изненадена колку малите дечиња уживаат во книгичките кои ги има во понудата. Исто така , има некои книги кои се за развој, за први зборови, сликовници, сложувалки. Она што беше најинтересно е што доаѓаат дечиња некаде на 10-годишна возраст и купуваат книга како подарок за роденден на своите другарчиња. Тоа ми е некако случка што најмногу ми се допаѓа, а особено радува што се повторува“ , искрена е Марија, инаку мајка на две деца од предучилишна возраст.
Таа се труди да презентира наши македонски издавачи, а посебно место во понудата и се локалните, кумановски автори. Сепак, има книги од секој жанр, а оние што најчесто ги препорачува се од модерната психологија, книгите за личен раст и развој. А токму личната препорака за дела кои ги има прочитано, вели најмногу ги продаваат книгите.
На оваа пријатно место, освен книги можат да се најдат и шолји за кафе, за чај, разни предмети кои можат да послужат како подароци.
„Не носим некоја голема количина, сакам да бидат уникатни парчиња, а може да се најдат и декорации, украси за дома, рамки за слики, држачи, бележници за книги, планери, сето она што мене некако ме асоцира на книга, убаво поминато време, се што дава целосна слика и хармонија“ , посочува Марија Колевски.
Инаку , таа е дипломиран економист, а по неколку години работа во престижниот и добро платен ИТ сектор, презела храбар чекор и отворила кафе книжарница во Куманово. Сопруга е и мајка на две малолетни дечиња на кои се труди да им ја всади љубовта кон книгите и пишаниот збор.