Работниците можат да сонуваат за 13-та плата
На прсти можат да се избројат компаниите кои пред Нова година ги честат вработените со една плата плус. Постарите генерации се сеќаваат дека порано и физичките работници и интелектуалците земале 13 - та плата , односно т.н.“К-15“.

Во денешно време само помоќните фирми од сферата на телекомуникациите и осигурување исплаќаат 13 плата. Од регионалниот синдикат велат дека ваков надомест газдите можат да исплатат доколку сакаат да ги наградат вработените,но тоа не е задолжително.
- Согласно Законот за работни односи тој надоместок не е предвиден, меѓутоа со колективни договори на ниво на гранки овие права се предвидени. Добар дел од колективните договори не предвидуваат новогодишен надомест. Во пракса фирмите кои добро стојат економски, исплаќаат и повисоки плати и ваков надоместок. Ако е така договорено меѓу вработените и работодавецот во колективен договор, таа обврска мора да се исполни, не се работи само за добра волја - изјави Гордица Бошковска, правен застапник во регионалниот синдикат.
Граѓаните велат дека во овие кризни времиња работникот треба да биде среќен ако редовно прима плата, а не да очекува преку леб погача. Тие се согласни дека плата плус пред Нова година помага за ублажување на трошоците и ги мотивира вработените.
- Додека бевме во СФРЈ земавме постојано 13- та плата. Некои земаа пред Нова година, други пред годишен одмор. Секој си ги планираше парите и со мерак работевме во декември. По осамостојувањето јас не памтам, ниту еднаш не земав 13 - та плата, а потоа веќе и работа имаше се помалку - вели Лилјана Ѓорѓиевска, претседател на УНИТ.
Граѓаните се сеќаваат дека во тој период работниците уживале далеку повеќе права, а секое тромесечје освен плата добивале плус разлика од 20 до 30 отсто која се пресметувала по учинок.