Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
„Цели два месеца сме без вода за пиење, а новогодишните и божиќните празници ги поминавме главно без електрична енергија‘‘ - му се пожалија на репортерот на Куманово њуз десеттемина раселени лица од Матејче колку што сеуште живеат во хотелот „Кристал„.
Поточно станува збор за само три семејства кои со по два или три члена сеуште го немаат решено станбеното прашање и секојдневно мечтаат на некој начин да се доберат до сопствен дом.
„Државата по судски пат не‘ обештети за запалените и запленети куќи и имоти во нашето родно село Матејче, но паричното обештетување оди некако бавно. Најголемиот дел од т.н. раселени лица што државата ги смести во „Кристал„ и „Ку-ба„ во текот на изминатата деценија, откако ги загубија сите надежи дека некогаш ќе се вратат на своите имоти во Матејче, ги напуштија сместувачките центри и се разместија низ Куманово кој како можеше и умееше. Добар дел, особено постарите, во меѓувреме починаа и не ги дочекаа судските решенија за обештетување на нивните имоти од страна на државата. И ние сме на мисла, ако даде Господ, да ја напуштиме собава во „Кристал„ - раскажува Слободан Гелевиќ кој со својата сопруга Загорка последните деесет години ги помина во хотелот.
Неговата сопруга сакаше да не‘ послужи со кафе или чај во ладната соба, но немаше струја. Прекините на струја зачестиле во последните десеттина дена, а последните „гости„ од Матејче во „Кристал„ не би сакале да веруваат дека тоа е некаков предупредувачки притисок за поскоро да ги напуштат просториитеи на хотелот. Имаат основа за такво сомневање, бидејќи државата од 11 октомври наваму им ја укина храната, веќе два месеца се без вода наводно заради неплатени сметки што треба да ги намирува стечајната управа на „Бисерка„, а зачестија и „дефектите„ на електричните инсталации на објектот. Инаку, за пиење и за санитариите трите раселени семејства од Матејче вода носат во канти и шишиња од фонтаната на тротоарот пред „Кристал„.