Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Почитуван советнику, многу ми е драго што мојата колумна “Ние сме народ”, Ве потикна на реакција, тоа значи дека Ве “удрив“ по нервот наречен “квазипатриотизам”.
Точно е дека „Ние сме народ„ (тука се вклучувам и себе),но не заради ароганцијата, туку заради потребата да се одбраниме од повикот на Вашиот лидер Никола Груевски да направи “Бартоломејска Ноќ” во Македонија, со јавен повик до своето членство за конечна пресметка со сите кои не се ВМРО-ДПМНЕ. Никогаш не одговоривте што значи тоа “конечна пресметка”- дали тоа е стрелање и бесење на Плоштадот Скопје 2014, гасни комори или јами со вар. Што планирате за сите оние кои не се ВМРО-ДПМНЕ?
Кога веќе зборувате за замрзнатото членство на градоначалникот Зоран Дамјановски, мора и треба да знаете дека во нашата партија владее демократија, секој член без разлика на позицијата може и треба да си го каже мислењето. Градоначалникот го изнесе своето мислење, но остана доследен на своите социјалдемократски идеи и остана во СДСМ, а СДСМ застана зад него во 2008 година.
За разлика од Вас, кој еднаш бевте член на ВМРО-ДПМНЕ, па преминавте во ВМРО-Народна, па повторно се вративте во ВМРО-ДПМНЕ. Претпоставувам дека тоа го сторивте заради лицен интерес, а не заради идеологија, и тука разликата помеѓу Вас и Дамјановски е огромна. Но, тука не престануваат разликите, Вие како партија се откажавте (не го замрзнавте) од вашиот основач и бивш лидер Љубчо Георгиевски, ама од неговите проекти Дојранско езеро, Плаошник и Милениумски крст не се откажуавте, ниту ги замрзнавте. Напротив!
Дали мислите дека нашите сограѓани заборавија како се приватизираа Козјак, Бисерка, КИК, КЕН, Монопол, ДИ-ЕР, Искра, Амбалажа, Печатница, Комерцијално Инвестициона Банка, НАМА, Батко Ѓорѓија, Пчела, Житомел,ЗИК и итн. Можете да правите милион акции од типот Пепел ама,народот не џабе вели:”Кај има оган има и дим (пепел)”.Е,токму заради ваквата приватизација Куманово е тука каде што е, ама некои не се во Куманово и Македонија, туку се кријат и чекаат судски разрешници.
Кога веќе толку многу зборувате за моралот зошто не проговорите и за состојбите во здравството и за установата во која работите, а во која патем претседател на Синдикалната организација е претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а некогашен истакнат член на Ѕинговата Социјалистичката партија.
Ако сакавте да се борите со криминалот на Велија Рамковски, А1,Шпиц, Време и Коха, немаше пет години да се рекламирате во истите и да јадете мекици. Зарем мислите дека народот не гледа што се случува во Канал 5 и Сител, или Вие топло ни препорачувате само нив да ги гледаме, бидејки се објективни. Што правиме ако за некое време се открие и таму криминал.
За крај Почитуван советнику, слободата и демократијата е моето право да бидам дел од овој народ, без разлика што не сум член на ВМРО-ДПМНЕ. Никој не ви дава за право ВИЕ да кажувате кој е народ а кој не, никој не Ви дава за право ВИЕ да критикувате а притоа да не ви се возврати. Никој не ви дава право да тепате, апсите и затварате, селективно, се заради рејтинг на вашиот вожд. Никој не ви дава за право ВИЕ да етикетирате и осудувате пред тоа да го сторат институциите.Никој не ви дава право ВИЕ да наметнувате свои начела и норми за живеење во оваа држава.
ВИЕ имате добиено мандат а не ВЛАСТ, да работите единствено и само за граѓаните, останатото е само гол популизам.
Почитувани мои кумановци, почитуван мој народе, нека Ви е Среќна и бериќетна 2011 година, заборавете на сите поделби, заборавете на омразата, но никогаш немој да заборавите дека сите НИЕ сме НАРОДОТ!
Марина Манојловска
Координатор на советничката група на СДСМ
во Советор на Општина Куманово