Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Регулирање на сообраќајот во уличките околу Гимназијата „Гоце Делечв“ е еден од приоритетите на жителите од Урбаната заедница „Благоја Стевковски- Гојчо“ во Куманово, централна средина која ја нарекуваат „папокот на градот“.
Меѓутоа, постојат и проблеми со урбанистичките решенија за кои сметаат дека не можат премногу да влијаат и да сменат нешто, па така само попатно ги спомнуваат.
„Мора да се постават „легнати полицајци“ на улицата „Перо Чичо“, да има зајакнати полициски контроли на „БС Гојчо“ затоа што пребргу се вози, а и интензитетот на сообраќајот е како на најпрометните улици во градот. Не знам зошто не би се формирала и пешачка зона, има две основни училишта, два објекти на градинката и едно средно училиште. Вака кога ќе ја отвориш портата првин треба да ѕирнеш дали смееш да излезеш на улица“, вели Стојан Ѓорѓевски, претседател на урбаната заедница.
Тоа е само дел од она што секојдневно ги мачи жителите на тој дел од Куманово. Новоизградени згради дополнително го затнуваат протокот на воздух, го стопираат ветерот па во летните месеци скоро е невозможно да се дише. Се прашуваат како е можно да се гради зграда до зграда.
„Уште малку ќе почнат да си прескокнуваат соседите за на кафе. Слушам дека повторно ќе се градат неколку згради меѓу улиците Иго Тричковиќ, Егејска Македонија, Моша Пијаде и булеварот 3 МУБ. Верувам дека има стручни лица кои одлучуваат за дозволите за градба, ама повторно не ми е јасно, во најгусто населеното маало се поставуваат згради кои дополнително го оптоваруваат просторот“, продолжува Ѓорѓевски.
Тој го посочува просторот на зелените површини околу градинската „Развигорче“, кои можат да се искосат и средат, а најдобро би било се оформи парк со детски игралишта, каде би можеле да се одведат децата, но и да се прошетаат постарите.
Жителите ја поздравуваат идејата за реконструкција на улицата „Моша Пијаде“ и се надеваат дека конечно ќе се реши проблемот со атмосферската канализација, кој се јавува по секој пообилен дожд. Како една од пониските точки на урбаната единица тука се слеваат водите од булеварот 3 МУБ и сите споредни мали улички и сокаци, а шахтите се неисчистени, но и без нивелација па често водата се собира околу нив, наместо да истекува.
Во последните 20-тина години дел од уличките и сокачињата во Карап мало и пошироко се асфалтирани или бекатонирани, што во голема мера го олеснил животот на населението.
„Иако со новоградбите се менува ликот на центарот, сепак задржан е духот на заедништво и соседска солидарност, меѓусебно дружење и помагање па искрено се надевам дека така ќе продолжат и во иднина. Само би сакал да бидеме повикани од надлежните општински служби барем некогаш за да бидат консултирани за тоа што се наши потреби и желби, кои можеби и нема да бидат реализирани но ќе се почувствуваме дека некој им го уважува мислењето за она што директно ги засега“, вели Ѓорѓиевски.