Мени

Резилиентност како психолошка алхемија на преобразбата во периодот каде стравот станува лична сила

16.05.2026 11:14 | KumanovoNews

Во мојата пракса зборот „силен“ често е најтешкиот товар што пациентите го носат. 

Резилиентност како психолошка алхемија на преобразбата во периодот каде стравот станува лична сила

Кога ќе слушнат дијагноза која го раздрмува самиот темел на нивното постоење, општеството од нив бара да бидат „борци“. Но, во психоонкологијата, ние не бараме челични војници. Ние бараме резилиентност.

Резилиентноста не е отсуство на болка, ниту пак е магична имуност на стрес. Таа е психолошки еквивалент на јапонската вештина Кинцуги која се состои од поправање на скршената грнчарија со злато. Садот е повторно цел, но неговите лузни се видливи и го прават поскапоцен од претходно.

Тоа е многу повеќе од „преживување“

Од стручен аспект, резилиентноста е динамичен процес на позитивна адаптација во контекст на значајна неволја. Таа не е карактерна особина што ја имате или ја немате. Таа е мускул кој се вежба во моментите кога мислите дека не можете да направите ниту еден чекор повеќе. Резилиентноста не е апстрактен поим; таа е тесно поврзана со невропластичноста. Нашите невронски мрежи не се статични. Кога сме соочени со екстремен стрес, амигдалата (центарот за страв) презема контрола, но резилиентноста се гради преку зајакнување на врските со префронталниот кортекс. Ова ни овозможува да ја регулираме емоционалната реактивност и да го користиме она што во психологијата го нарекуваме „когнитивно преструктурирање“.

Наместо да бидеме заложници на рефлексната реакција „бори се или бегај“, ние учиме како да го реинтерпретираме стресорот. Резилиентниот поединец не го негира присуството на кортизолот во својата крв, туку развива капацитет да го интегрира тоа искуство без да дозволи тоа да го дефинира неговиот идентитет.

1. Когнитивна флексибилност: Способноста да ја прифатиме реалноста таква каква што е, без да се изгубиме во негирање, но и без да се удавиме во катастрофирање. Тоа е онаа тенка линија помеѓу „Ова е страшно“ и „Што можам да направам денес?“.

2. Самосочувство (Self-compassion): Најрезилиентните луѓе не се оние кои се строги со себе. Напротив, тоа се оние кои си дозволуваат да плачат, да бидат уморни и да кажат „Тешко ми е“. Парадоксално, прифаќањето на сопствената ранливост е најбрзиот пат до внатрешната сила.

3. Потрага по смисла: Како што велеше Виктор Франкл, оној кој има зошто да живее, може да го поднесе речиси секое како. Резилиентноста извира од пронаоѓањето смисла дури и во страдањето, било да е тоа љубовта кон семејството, убавината на едно утро или желбата да се помогне на друг.

Дали сте резилиентни?
Ако некогаш сте поминале низ тежок период и сте излегле од него со поинаков поглед на светот тогаш вие веќе ја поседувате.

Во психолоонкологијата го користиме терминот Посттрауматски раст. Тоа е феномен каде индивидуата по траумата развива поголема благодарност за животот, да ве преобликува во нешто ново. Истражувањата на Тедески и Калхун покажуваат дека кај голем број пациенти, по преживеаната траума, се случуваат фундаментални промени во пет домени: поголема благодарност за животот, поблиски меѓучовечки односи, зголемена лична сила, нови можности и духовен развој. Тоа е онаа стручна магиј на резилиентноста. Тас не нè враќа на почетната точка туку нè турка напред. Кризата не е само пречка, туку катализатор за психолошка еволуција.

Порака до читателот
Резилиентноста не значи да не се скршите. Значи да дозволите деловите да паднат, а потоа со свесност и трпение да изградите нова структура. Како психоонколог, мојата задача не е да ве „поправам”, туку да ви помогнам да го препознаете сопствениот внатрешен капацитет за регенерација.

Вие не сте вашата дијагноза, ниту сте вашиот страв. Вие сте свесноста која ги пребродува и двете.

(Јелена Цветковска, м-р по психолошки науки и психолог советник)