Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со расчистување на сметот, кастрење на грмушки и косење на тревата се средува просторот околу поштата во населбата Зелен рид. Работниците на ЈП „Чистота и зеленило“ од утринава се на терен извршувајќи ги операциите за доведување на локацијата во ред.
Голем дел од граѓаните кои живеат во непосредна близина реагираа дека по неодамнешните дождови, запуштеното место наликува на змијарник.
„Постапуваме по барање и реакции на граѓаните на навистина запуштено место, иако не е под наша ингеренција. Имаме морална обврска да расчистиме таму- да ја искосиме тревата, да го прибереме сметот, за да заличи на нешто. Инаку партерниот дел на поштата не е јавна прометна површина, но сопственикот не презема никави мерки за одржување, па ние во служба на граѓаните правиме се што е во наша можност и постапуваме и таму“, истакна директорот Ненад Стојановски.
Зградата на пошта во населбата Зелен рид веќе со години не е во употреба, руинирана е и неупотреблива. На мајските избори двете избирачки места кои се водат на ова локација беа дислоцирани, затоа што Државната изборна комисија процени дека не е безбедно ниту за членовите на избирачките одбори, ниту за гласачите.
Парцелата на која се наоѓа пошта е во сопственост на државата, додека објектот е во приватна сопственост.