Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
И по четиринаесет часа огнот се уште тлее и чади од подрумските простории на Основниот Суд Куманово. Екипите на ТППЕ Куманово интензивно работат на гаснење на пожарот, зградата е обезбедувана од службеници на СВР Куманово, а на терен цело време се и одговорните и дел од вработените од судот, кои будно ја следат состојбата.
Од пријавувањето, некаде по еден часот по полноќ до сега пожарот е локализиран на подрумскиот дел од зградата, но никако да се изгасне.
„Луѓето постојано работат, на смена едни излегуваат, други колеги веднаш влегуваат но никако да се справат со тлеењето. Верувам дека се преморени и можеби треба да се размислува за повикување на зајакнување и дополнителни екипи кои ќе помогнат во санација на состојбата. Ние само што стоиме во изминатите 14 часа папсавме на жештинава, а не можам ни да замислам како им е ним“, изјави Снежана Манева,претседателка на Основниот суд Куманово.
Во текот на целиот процес на терен е и вработен во архивата на судот кој дава насоки на пожарникарите за полесно снаоѓање во подрумските простории. И покрај вложениот труд се уште не може да се лоцира жариштето кое повторно го потпалува огнот по секое гаснење. Дел од вработените објаснуваат дека подрумските простории се со дрвени сталажи, дека се работи за материјали со компримирана хартија и дека целата зграда е стара, направена во шеесетите години на минатиот век.
Причините за пожарот дополнително ќе се утврдуваат, како и евидентирање на штетата и процена на безбедноста и степенот на оштетеност на објектот.
Експерти за криминалистички и технички испитувања и вештачења ќе ги испитуваат причините за пожарот во кој е сместена дел од архивата на судот, најави министерот Оливер Спасовски.
Тој појасни дека кон Куманово заминале и началници и раководители од Одделот за криминалистички и технички испитувања и вештачења од Скопје за да може да се направи увид и да се утврдат причините и што точно е зафатено со пожарот. Но, таквите активности се неспроведливи додека е активен пожарот.
Во 01.20 часот мирис на чад и на изгорено почувствувал дежурниот судски полицаец, кој повикал екипа на ЕВН, како и пожарна и полиција. Пожарот не се проширил на катот, но целиот објект и неговата околина се уште е во чад.
Пожарот најверојтно е предизвикан од неисправна електрична инсталација.