×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Сефедин одбива лекарска грижа, своеволно се враќа на улица, велат од Кумановската болница

    10.11.2023 06:25 | Оливера Пешевска

    Бездомникот Сефедин Куртиши, кој подолго време запуштен талка по улиците, а пред два дена беше згрижен на Психијатриското одделение, вчера на сопствено барање ја напуштил Кумановската болница. Тој им рекол на лекарите дека ќе оди да се лекува во домашни услови и не сакал повеќе да остане на одделение.

    Сефедин одбива лекарска грижа, своеволно се враќа на улица, велат од Кумановската болница

    „Нашата болница е од отворен тип што значи дека движењето на пациенти не е ограничено во одредени рамки. Нагласувам, и покрај тоа што лицето своеволно ја напушти болницата ние и натаму вршиме напори да му обезбедиме соодветно место за живот. Прегледан е од психијатар со наод дека не е психотичен. Од дерматовенеролог и хирург констатирано е дека има рани по нозете, меѓутоа тие не се заразни“, вели  директорката на Општа болница Куманово м-р Биљана Ивановска.

    Таа додава дека и покрај сите напори на институциите, почнувајќи од Општа болница Куманово и Центар за социјални работи, преку Јавен правобранител кој отвори предмет за неговиот случај,  како и ресорните министерства да се најде начин Сефедин да биде згрижен, не успејале затоа што тој не соработува. Помогнала и општинската организација на Црвен Крст Куманово за да биде пресоблечен во чиста облека, добил пакет со средства за лична хигиена, а дури беше повикано лице да го потсриже и избричи, но тој не прифатил.

    Сагата на Сефедин Куртиши започна пред дваесетина дена кога неговите соседи алармираа кај новинарите дека тој лежи беспомошно, неподвижен, болен , прегладнет и валкан. Откако краткотрајно беше згрижен на нервното одделение во болницата тој пак се врати на улица.Тогаш во случајот се вклучи и Народниот правобранител, кој повторно го смести во здравствена установа.

    Досега Куртиши два пати е хоспитализиран, обезбедени му се лични документи - извод и лична карта што е услов за поднесок за користење на социјални права и добра. 

    „Според информациите со кои располагам тој всушност има семејство, мајка и четири браќа, но сам одлучува да живeе како  бездомник. Со оглед на тоа дека зимата е пред нас, од аспект на човек не како директор лично укажувам дека се заложувам да се најде соодветно решение, но за да пружиш помош треба да очекуваш некој да ја прими, а Сефедин засега одбива“,  вели Ивановска.

    Куќата во која некогаш живеело неговото семејство на ул. Осогово е распадната и целата во смет, и таму нема услови да се смести, затоа претојува и спие на отворено каде што ќе стигне во централното градско подрачје.