Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Лабораторијата во Здравствениот дом Куманово во последниве три месеци има двојно повеќе работа.
Поради задолжителните систематски прегледи на пациентите, дневно се примаат од 160 до 180 пациенти, кои прават анализа на крв и урина.
“Зголемениот обем на работа во нашата лабараторија се должи на проектот што го наложи Министерот за здравство до матичните лекари, да прават систематски прегледи на сите пациенти. Пациентите проверуваат крвна слика, седиментација на крв, преглед на железо, триглицериди, лош и добар холестерол, уреа, шеќер и друго. Тоа се превентивни прегледи кои треба да се прават еднаш годишно, - изјави Мимоза Зисовска Андоновска, специјалист по медицинска биохемија и началник на лабараторија во Здравствен дом.
Од лабораторијата тврдат дека се добро екипирани и максимално ангажирани од 7.30 часот до 15 часот, а некогаш и подоцна за да ги примат сите пациенти. Тие очекуваат и следните месеци да имаат многу работа, бидејќи проектот за систематски прегледи продолжува.
Граѓаните потврдуваат дека се чека подолго од вообичаеното, дури и со часови, но сметаат дека оваа лабораторија поседува квалитетни апарати, кои даваат голема прецизност во резултатите и затоа сакаат токму тука да ги направат анализите.