Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Места за адреналински спортови и за културни настани, како и паркови за прошетки и рекреација најмногу им недостасуваат на младите кумановчани, како ресурси што би влијаеле на подобрување на квалитетот на живот и збогатување на понудата за младите од оваа општина. Тие велат дека многу малку се вклучени во креирањето на програмите за млади и бараат да бидат консултирани при носењето на одлуки за развој на младински политики за да придонесат за позитивни промени во заедницата.
Ова го покажаа резултатите од спроведената анкета, која е дел од проектот Skateland- Куманово, што се реализира во рамки на проектот „Поддршка на изборни реформи“ ( Support to Electoral Reforms), финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и IFES. Прашалникот беше наменет за млади лица до 26 години, а целта мерење на степенот на вклученост на младите во креирањето на политики за развој на заедницата.
Во анкетата на Кумановоњуз учествуваа вкупно 52-ца млади до 26 години од кои 53,8% жени и 46,2% мажи. Според возрасната структура беа вклучени студенти (44,2%), средношколци (21,2%), вработени (23,1%) и невработени (11,5%), а според етничката припадност на прашалникот одговорија 71,2% Македонци, (13,5% Срби, 5,8% Албанци, 3,8% Роми и по 1.9% Власи, Бошњаци и друго.
На прашањето „Дали досега сте се обратиле до некоја надлежна институција за проблем што се однесува на подобрувањето на квалитетот на животот кај младите“, 65,4% од испитаниците дале негативен одговор, а останатите кои го направиле тоа главно се обратиле до општината и до градоначалникот. Нивните барања во најголем дел се однесуваат на уредување на паркови, изградба на скејт парк, велосипедски и пешачки патеки, места за културни настани, игралишта, отворање на младински центри, но и за решавање на комунални и еколошки проблеми.
Близу 60 % од младите не знаат каде треба да се обратат за да поднесат некое барање од значење за младите, а оние кои што се информирани сметаат дека тоа е , пред се, општината, а потоа општинските сектори и јавните претпријатија, како и Агенцијата за млади и спорт и Министерството за образование и наука.
Разочарувачки е податокот според кој 75% од анкетираните изјавиле дека не членуваат во младинска организација и само 25% од нив се активни во младинското организирање. Само 26,9%, пак, знаат дека во Куманово постои Локален младински совет, а сите останати или не знаат или сметаат дека таква институција не постои. Ниту еден од испитаниците не е член на Младинскиот совет, кој за 78,6% не е активен и доколку постои, постои само формално.
За слабата вклученост на младите во креирањето на политики за развој на заедницата зборува и податокот според кој дури 69,2% од испитаниците не знаат дали општината има стратегија за млади, а 42,3% не се запознаени со терминот „младински политики“ и неговото значење. Вкупно 70,6% од нив посочиле дека воопшто не учествувале досега во процес на креирање на младински политики, а во 90,4% случаи општината не ги консултира при носењето на програмите за млади.
За малата застапеност и слабото младинско учество потврдува и одговорот на испитаниците дека 69,2% од нив не биле вклучени во никаков проект за младински активизам. Останатите 30,8%, пак, учествувале во еколошки акции, културни настани, младински трибини за образование и волонтерски активности. Поразувачки е податокот што 92,3% од анкетираните одговориле дека досега не добиле никаква поддршка од општината за млади и младински активности како што се стипендија, организирање на младински акции, настани, проекти и сл.
На прашањето „Како би го оцениле квалитетот на живот на младите во вашата општина“, 57,7% го оквалификувале како задоволителен, 38,5% посочиле дека имаат слаб квалитет, а само 3,8% дека е многу добар. Нема ниту еден одговор за посочената опшција „одличен квалитет на живот“. Младите од Куманово признаваат дека се неактивни и недоволно организирани за да делуваат на подобрувањето на младинските политики и животот на младите. Само 7,7% сметаат дека младите делуваат соодветно, но затоа пак 98,1% од испитаниците сметаат дека се можни позитивни промени за да се подобри младинскиот живот.
На младите најмногу им недостасуваат места за адреналински спортови и тоа пред се скејт парк, качување на карпа и велоспипедски патеки, одговориле 46,2% од учесниците во анкетата. Амфитеатар за одржување на културни настани и промоција на младите уметници , исто така , се приоритет за младите кумановчани. Тие посебно го истакнуваат проблемот што Куманово нема кино сала, иако градот порано бил истакнат по кино културата и имал и затворен и отворен кино простор, кој бил масовно посетуван од кумановската младина. Бараат општината да обезбеди и повеќе простор за паркови за прошетки и рекреација, игралишта, агилити парк за кучиња и места за цртање на графити и мурали.
Наспроти сегашното многу мало учество, сепак над 80 % од испитаниците одговориле дека би се вклучиле во креирањето на младински политики, а 96,2% сметаат дека треба да бидат консултирани при носењето на одлуки за развој на младинските програми и политики. Околу 60% би прифатиле да бидат поддржувачи или активни членови на Локалниот младински совет, сметајќи дека активното младинско учество може да предизвика позитивни промени за развој на локалната заедница преку зајакнат младински активизам, посочиле 88,5% од анкетираните.
Младите вклучени во истражувањето упатија и повеќе пораки до локалната заедница и надлежните институции за подобрување на младинските политики и животот на младите. Како потенцијал за развој на општеството, тие сметаат дека треба да бидат прземени соодветни мерки младите да останат во државата и во општината, да се посвети поголемо внимание на нивните потреби и да бидат вклучени во општинските активности. Младите бараат и партиската определба и партиските притисоци да не бидат главен услов за младинско вклучување, туку сите да се вреднуваат според своите спосбности и квалитети. Само информирани млади се корисни за општеството и неопходно е повеќе да се вложува во младите генерации, порачуваат младите кумановци.