Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во центарот на градот најмногу се гине на раскрсниците на булеварите “Трета МУБ“ и “Октомвриска револуција“, “Трета МУБ“ и “Тоде Мендол“, како и делот каде се сечат улиците “Гоце Делчев“ и “Борис Кидрич“.
Сообраќајни несреќи со фатални последици често се случуваат на кумановските патишта. Неприлагодена брзина, алкохолизирана состојба на возачите и лоши патишта се само дел од причините кои доведуваат да се гине по улиците и патиштата. Во кумановско постојат повеќе места каде често се случуваат страотнии сообраќајќи, а како најкритични т.н. црни точки се: местото Смилчинци на 7 км од Куманово на магистралниот пат кон Крива Паланка и Света Петка во селото Младо Нагоричане на 16 км од градот.
Кон Свети Николе критично е м.в. Павлешенска Чешма. По стариот пат кон Скопје сообраќајни несреќи има често кај Черкезко село и на излез од селото Љубодраг. И во центарот на градот има црни точки и тоа делот каде се сечат булеварите “Трета МУБ“ и “Октомвриска револуција“, “Трета МУБ“ и “Тоде Мендол“, како и делот каде се сечат улиците “Гоце Делчев“ и “Борис Кидрич“. И кај Стара црква исто така - изјави Марјан Павличек, командир на Полициска станица за безбедност во патничкиот сообраќај.
И самите возачи како најризична точка ја посочуваат Смиљчинци каде сообраќајните незгоди имаат фатален исход. Неодамна таму 6 лица загинаа откако се судрија два автомобили а потоа се запалија.
Тука поминуваат луѓе од Куманово кон Крива Паланка и жителите на Старо Нагоричане. Многумина го знаат местото, но често се случуваат сообраќајки со жртви. Како да е проколнато тоа место. Дваесетина од жртвите кои тука загинале се луѓе кои сум ги познавал - вели возач.
Од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот објаснуваат дека критичните делници треба да се решат за одреден временски период.
Црните точки не треба да бидат страв за возачите. Треба да се најде систем на возачите да им се укаже дека делницата е опасна. Може да се постави знак, низа знаци, потпорен ѕид, исправување на нагиб, и не секогаш зафатот е скап. Зафатот мора да го предложи стручњак. Да се следи процесот пред и по завршување на зафатот. Се повеќе опасни места има во урбаните средини. Сите поголеми градови треба да ги идентификуваат црните точки - рече Миле Димитровски, претседател на комисија за наука во Републички совет за безбедност во сообраќајот.
РСБСП следната година ќе издаде албум со слики од црните точки во Македонија и препораки како и со колкава инвестиција тие можат да се решат.