Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Eкипите на фирмата „Билдинг„ задолжена за зимско одржување на улиците во градот, утринава фрлиле околу 40 тони сол по градските сообраќајници.
„Работиме со четири специјални возила опремени со снежни плугови и
соларки, со кои прво се расчистува снегот, а потоа се фрла солта по
коловозите. Започна и расчистувањето на локалните патишта, како и
приодите и дворовите во јавните установи. Засега немаме дојава за
затрупани и непроодни патишта„- вели Момчило Јовановски, раководител во
Одделението за патишта во Општината.
Во општината Старо нагоричане се работи на расчистување на главните
патни правци. Прооден за сообраќај е патот Куманово- граничен премин
Пелинце. Екипи на претпријатието „Биљановце-пром„ задолжено за чистење
на патиштата е на терен и работи со сета расположива механизација. Од
локалната самоуправа велат дека и патиштата во планинските села ќе
бидат проодни во текот на денот.
И во Општината Липково сите патни правци се проодни. Според информации
од Општината, фирмата „Лирија„ задолжена за расчистување на улиците и
патиштата навреме си ја завршила работата.
Од АМСМ информираат дека сообраќајот на сите магистрални и регионални
патни правци низ државата се одвива тековно, по влажни коловози поради
врнежи од снег. Влажни коловози се бележат на планинските превои каде
во утринските часови поради ниските температури има можност од појава
на голомразица. Да се внимава низ клисурите и осојничавите места каде
има можност од појава на одрони и лизгања на земјиште. На возачите им
препорачуваме внимателно возење, прилагодување на брзината на движење и
одржување на потребното растојание помеѓу возилата. Интензитетот на
сообраќај е умерен надвор од градските средини. Потсетување за возачите
на нивната законска обврска, за задолжително поседување на зимската
опрема во возилата.