Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
При крај е поставувањето на бекатонски плочки на улицата 14 во населбата Бабин Дол. На ред е се граничците покрај оградите на куќите и мал дел на највисоката точка од улицата, каде треба да се интервенира на водоводната мрежа.
„Со багерот треба да ископаме мал ров, колку што знам за смена на водоводна цевка. Работниците тука пополнуваат со бекатон кај треба и ќе ги поставиме рабниците. При крај сме, до крајот на неделата би требало да завршиме доколку не заврне“, изјави еден од изведувачите на проектот.
Улицата 14 се реконструира по повеќе реакции и јавни апели на граѓаните. Од започнување на иницијативата е помината речиси една година, но сега се задоволни што конечно добиваат улица која нема да претставува опасност за пешаците и да предизвикува штета на возилата.
„Тука живеам повеќе од 20 години, и еве сега ја направија што е одличен потег. Горе се уште копаат, доправуваат нешто, до сега требаше да биде, но во секој случај пред сезоната на врнежи. Инаку беше непроодна кога имаше кал, многу дупки-ги искршивме автомобилите, на неколку месеци мењававме делови“, изјави Срѓан Благоевски, жител на улицата.
За оваа улица пишуваше и Кумановоњуз. Тогаш граѓаните кажаа дека со години чекаат Општина Куманово да се сети и да им ја асфалтира улицата. Кога се обратиле до општинските служби им било посочено дека не можат да интервенираат затоа што е патот е во сопственост на приватно лице, односно земјиштетно не било отуѓено и префрлено на име на државата или општината. Со процедурата за приватизирање завршиле кон крајот на минатата година и во повеќе наврати реагирале до општинските служби.
Улицата број 14 во Бабин Дол е долга 150 метри, има повеќе од 70-80 куќи со над 300 жители, кои имаа проблеми во секојдневното функционирање и не можеа да излезат од своите домови затоа што беше раскопанa и во дупки. По нивно укажување по врнежи едвај поминуваат и пешки, а камоли со автомобили, а во лето се гушат во прашина.
На тенедерска постапка за реконструкција и санирање на јавни површини на сообраќајници и тротоари со бекатон плочки е избрана фирмата „Ибро комерц 21“ од селото Липково.