Мени

Со „Генералка викенд“ исчистени 30 локации во Крива Паланка

09.05.2026 10:57 | KumanovoNews

Стотина граѓани од Крива Паланка вчера се обединија околу една заедничка цел - создавање на подобри услови за живот и зачувување на природата за идните генерации, преку реализацијата на шестата по ред национална еколошка акција „Генералка Викенд“.

Со „Генералка викенд“ исчистени 30 локации во Крива Паланка

Во акцијата учествуваа околу 400 учесници, кои чистеа на 30-тина локации на територијата на општината, опфаќајќи ги јавните и неуредени површини, патишта, речни корита, спортско-рекреативни центри, излетнички места и други јавни простори.

Притоа се собрани 153 вреќи разновиден отпад, како и 35 вреќи селектиран отпад.

Градоначалникот Сашко Митовски истакна дека ваквите акции се доказ дека заедништвото и љубовта кон градот носат вистински промени.

„Кога постои волја, организација и искрена грижа за местото во кое живееме, резултатите секогаш се видливи. Чиста и уредена Крива Паланка не е обврска само на институциите, туку заедничка одговорност на сите нас. Благодарност до секој граѓанин, волонтер и институција што денес даде личен придонес за поубава, поздрава и позелена Крива Паланка“, изјави Митовски.

Покрај теренските активности, во општинските училишта беше реализиран и специјален Еко-час, преку кој учениците имаа можност практично да се вклучат во еколошки активности и селекција на отпад, развивајќи свест за значењето на заштитата на природата уште од најрана возраст.

Во реализацијата на акцијата учествуваа: Локалната самоуправа, ЈП Комуналец, Црвен крст, Детската градинка „Детелинка“, ООУ „Илинден“, ООУ „Јоаким Крчовски“, СОУ „Ѓорче Петров“, Домот на култура, ТППЕ, Спасувачката служба „Спасител“, Извидничкиот одред „Наум Наумовски Борче“, Центарот за активно стареење и бројни други поддржувачи и граѓани.

Оваа масовна еколошка акција уште еднаш потврди дека кога граѓаните се обединети околу вистинските вредности, може да се создаде почиста, поуредена и похумана животна средина.

Никола Митовски