Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Интензивните врнежи од снег предизвикаа проблеми и отежнато движење по регионалните патишта во северо-источниот регион.
Патните правци Куманово - Скопје - Табановце , Куманово- Св.Николе- Штип , Куманово - Страцин- Крива Паланка се чисти и проодни, но во градот освен булеварите Трете МУБ, Октомвриска Револуција и улицата 11 Ноември, ниту еден локален пат кон населбите и блиските села не е прочистен, соопштуваат од Центарот за управување со кризи од Куманово.
Во Старо Нагоричане сообраќајот на локалните патишта се одвива нормално бидејќи се врши чистење на наносите на снег. Додека блокирани се патиштата од Старо Нагоричане до магистралата за Крива Паланка, од Света Петка од граничен премин Пелинце и патен правец кај фабриката Бонум. Планинските села Мгленце, Желувино, Брешко и Дренак се завеани и отсечени од Општината.
Во Липковско регион, патениот правец кон Липково, Матејче и Никуштак, кој е во надлежност на Македонија пат е чист и прооден, но сите останати локални патишта кон селата Слупчане, Ваксинце и Лојане, Ропаљце,Гошинце, Лукаре и Извор се непрочистени и тешко проодни.
Од Македонија пат, информираат дека сообраќајот на патиштата на Страцин и Крива Паланка се одвива без проблеми и се врши редовно чистење на снегот.
Исчистени од снег се регионалните патни правеци Куманово - Кратово и Кратово-Пробиштип. Во Општина Ранковце расчитен е регионален патен правец Куманово-Ранковце - Крива Паланка. Во Крива Паланка регионалниот патен правец Куманово-Крива Паланка граничен премин Деве Баир е прочистено од страна на Македонија пат и воспоставено редовно дежурство.