×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Дигиталните уреди погубни за децата, родителите да ги слушаат и набљудуваат повеќе, порачува дефектологот Пешиќ

    08.03.2023 09:07 | Оливера Пешевска

    Младите родители на деца од предучилишна возраст мора да бидат свесни за опасноста што ја предизвикуваат современите уреди, а кои влијаат на растот и развојот на децата. Последиците од дигиталните уреди и електрични играчки се гледаат во се почести проблеми со говорот, но и во сознајните функции, односно децата имаат целокупно задоцнет психомоторен развој, посочува дефектологот д-р Милена Илиќ Пешиќ, која има 20-годишно искуство во оваа област.

    Дигиталните уреди погубни за децата, родителите да ги слушаат и набљудуваат повеќе, порачува дефектологот Пешиќ Фото: pixabay.com

    Знаците се видливи веќе со поаѓање на училиште на малите деца, кои укажуваат на некои недоследности меѓу возраста на детето и она што го научило во меѓувреме.

    „Кога доаѓаат во прво одделение тие заостануваат од поранешните генерации, иако сметаме дека сега сме технолошки понапредни - се ни е достапно и сервирано, децата зборуваат англиски од најмала возраст, од 2-3 години. Но, за жал, сега имаме се поголем број на дечиња со нарушен или со потполно отсутво на говор, намален капацитет на осознавање и учење, пад на концентрација, намалено внимание кон околината што претставува комплексен проблем, особено затоа што оваа бројка постојано се зголемува“, вели дефектологот д-р Илиќ Пешиќ .

    Според неа задоцнетиот говор и на најмала возраст треба да ги алармира родителите, иако тоа е само симптом. Уште на 6-месечна возраст професионалците можат со еден детален преглед да констатираат дали погледот не е како што треба, дали бебето реагира на дразби, дали слуша, гледа, посегнува да дофати нешто, колку јаде разновидна храна, дали одбива жвакање, дали не сака да седи итн. Тоа се индикациите кои треба да упатат најпрвин кон преглед кај матичниот педијатар, а подоцна и до стручните служби.

    „Затоа апелирам и до педијатрите да не реагираат со - оставете, времето ќе покаже, туку и на најмало отстапување во психомоторниот развој да ги упатуваат родителите до повисоките инстанци. Да се направат сите можни испитувања, да се бараат повеќе мислења, бидејќи раната дијагностика е клучна. Денеска нешто се случува, не само кај нас, туку и во светски рамки,денес имаме поинакво созревање кај малите деца“, истакнува д-р Милена.

    Светската статистика покажува дека луѓето со попреченост учествуваат со 12 проценти во една популација.Бројките кај децата од 0-6 години се уште подраматични. САД веќе објавија епидемија на заболувања од аутистичен спектар. И додека пред 10 години инциденцата беше 1 дете со пречки во развојот на 10.000 жители, денеска таа бројка е 1:60 и постојано расне.

    Во Македонија, пак, нема регистер кој го бележи бројот на деца со попреченост, ниту се прават обиди за евиденција на национално или на локално ниво.

    „Мое лично мислење е дека бројката е далеку поголема од споменатите 12 проценти, но тоа никој не може да го објави со сигурност“, потенцира Илиќ Пешиќ.

    Таа е подготвена да помогне, бидејќи вели дека и дијагностиката и навремениот третман се важни. Како општествено ангажиран стручњак, ја става својата стручност во служба на младите родители на кои ќе им биде потребна.

    „За бесплатен совет и консултација ги нудам своите услуги на сите заинтересирани. Јас имам долгогодишно искуство како дефектолог, имам и магистратура по дефектологија и докторат по педагогија, и знам дека е најважно навреме да се реагира. Можат да ме најдат на социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм,на сите ќе им излезам во пресрет“, ветува д-р Милена.

    Таа порачува да се слушаат и набљудуваат сопствените деца. Инстиктот дека нешто не е во ред можеби и не е оправдан, но подобро да се претера сега, отколку да се жали подоцна. Временската рамка за реагирање е ограничена на предучилишна возраст.