Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Спортската сала во Куманово, која се реновира повеќе од 4 години и за која се потрошени околу 3,5 милиони евра, ќе биде пуштена во употреба откако ќе се постави видео надзор, најави градоначалникот Максим Димитриевски на последната седница на Советот на Општина Куманово, на 13 декември минатата година.
Советничката Елена Доцевска - Божиновска од ВМРО-ДПМНЕ праша до каде е реконструкцијата на салата, бидејќи граѓаните очекуваат да се стави во употреба.
„Во изминатите 3 години колку што е мандатот на Советот во неколку наврати со ребалансите предвидуваме дополнителни средства за завршување на спортската сала, и кумановскaта јавност е со големи очекувања. Кога ќе биде отворена и ставена во употреба“, праша Доцевска- Божиновска.
Градоначалникот не го кажа точниот датум, туку најави дека тоа ќе се случи откако ќе заврши партерното уредување и поставување на камерите, по што салата ќе се отвори со национален или меѓународен натпревар.
„Без видео надзор спортската сала не би смеела да се стави во употреба, особено по честите уништувања на урбана опрема од поединци или групи, а кои досега не се идентификувани. На овој начин се прави обид да се заштити скапата опрема“, кажа Димитриевски.
Тој додаде дека за видео надзорот Советот одобрил дополнителни 2 милиони денари, и дека е во тек набавка на планираната опрема.
Повеќе од еден месец по оваа најава, прашањето за спортската сала деновиве е повторно актуелно, а го поставуваат спортските работници, клубовите и граѓаните, откако Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ), кажа дека училишната спортска сала „Перо Наков“ не ги исполнува техничките услови за одржување на прволигашки натпревари. Сите бараат објаснување зошто толку долго градот е оставен без функционална сала.
Реконструкцијата на спортската сала започна во 2021 година, и иако се најавуваше дека брзо ќе се обнови уште не е довршена. Покрај долгата реконструкција, дополнителни реакции предизвика вадењето на бакарниот кров и поставување на пластичка покривка, која на почетокот протекуваше, а за дел од јавноста беше спорна и цената на семафорот и комплетниот медија сервис.
Владата во 2020 година ја врати спортската сала на Општина Куманово, откако со неа стопанисуваше приватна фирма, и се наоѓаше во лоша состојба.
Спортската сала во Куманово е изградена 1980 година и има капацитет од 4.150 седишта. Таа е најголемиот спортски објект во Куманово за сите поголеми спортски натпревари. Проектирана е од архитектите Трајко Димитров и Живко Гелевски во 1979, а ја добила големата награда на Биеналето на македонската архитектура (БИМАС) во 1981 година.