Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Дел од дрвата во паркот на Ловечки дом во Куманово се суви и стари, па дел од граѓаните кои поминуваат таму сметаат дека не се безбедни за околината.
Особено се жалат пешаците или луѓето кои чекаат автобус на постојката на улицата покрај паркот.
„Пред неколку дена имаше ветер и малку застрашувачки делуваше пуцкањето и крцкањето на гранките. При појак ветер сигурно ќе падне некоја гранка или пак цело дрво- може да повреди некого што поминува или, пак, да оштети некој автомобил. Мора да се преземе нешто, затоа што состојбата е алармантна, а не се решава со години иако е очигледно дека наскоро ќе се случи некоја беља. Летоска целиот парт е обраснат во трева и не е исклучано д аима змии“, вели А.А. која се обрати до нашата редакција да праша кој е надлежен да го одржува паркот.
Ловечкиот дом е приватен имот, дел од ФЗЦ „11 Октомври“ и некогаш беше популарен угостителски објект, кој во своите рамки имаше изградено и базен. Веќе долго време не работи и функционира, па запуштени се објектите, но и целиот парк, кој се протега од раскрсницата која води кон Проевце до надвозникот, кој поминува над селото.
Од ЈП „Чистота и зеленило“, велат дека тие се одговорни за одржување на јавните прометни површини, но не и на приватен имот.
„Не смееме да влеземе на приватен имот или да работиме своеволно, неопходно е да имаме барање од сопствениците или налог од инспекторатот и одобрение од општината. Во спротивно немаме право или обврска да интеревнираме. Не е проблем да се испратат екипи доколку ги добиеме потребните документи“, истакна директорот Даниел Стојчевски.
Од Секторот за инспекциски надзор во Општина Куманово велат дека тие реагираат откако ќе добијат пријава од граѓани по што тие прават увид на терен.
„Ќе мора да се најде кој е сопственик на таа парцела и само тогаш би можеле да издадеме решение за отстранување на оштетните дрва. До сега нема стигната пријава до нашиот сектор, а смееме да реагираме само ако загрозува луѓе или имот на јавни прометни површини“, објасни раководителката Лидија Трајковска.
Минатото лето имаше потпалување на дрвата по удар на гром, но со навремена реакција на пожарникарите брзо беше изгаснат.