Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Полека изминува и шестата година од преземањето на власта од страна на СДСМ, период кој што е сосема доволен за да се направи паралела, но и јасна дистинкција помеѓу владеењето на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
За да видиме каде сме и каде одиме, потребно е низ кратка ретроспектива да се потсетиме каде бевме.
Пред 6 години, минималната плата во Македонија изнесуваше понижувачки 9.000 денари. Според животниот стандард на граѓаните, сите релевантни меѓународни институции ја рангираа земјата на самото дно на ранг листите на најсиромашните
држави, на истата позиција каде се наоѓавме и според слободата на медиумите.
Се иселуваа не само младите, туку и цели семејства. Внатрешно бевме поделени на „наши“ и „нивни“, на „патриоти“ и „предавници“. Со помош на партизираната полиција која самите ја нарекуваа „ВМРО-МВРО“, со државата владееше кликата околу Груевски и Мијалков, на кои нивните сопартијци не смееја ниту името да им го споменат.
Кршењето на човековите права изразено во разни форми, најмногу преку незаконското прислушување на илјадници граѓани, пресметката со неистомислениците, партизирањето на правосудниот систем, украдените милијарди евра од буџетите на државните институции, беа составен дел од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
До недоглед може да се набројуваат „резултатите“ од мрачните времиња на 11- годишното владеење на режимот на Груевски.
Времињата се сменија, но не и ВМРО-ДПМНЕ. И од позиција на опозиција, продолжи да го прави она што најдобро знае да го прави - да измислува, опструира, блокира и да го спречува развојот на државата и перспективата на граѓаните.
Пред почетокот на ковид пандемијата , велеа дека короната е измислица на Заев со цел одложување на тогашните парламентарни избори. Прогнозираа десетици и десетици илјади жртви на корона вирусот. Најавуваа наводна изградба на кампови за стотици илјади бегалци и „до заби“ наоружени терористи на македонските граници.
Велеа дека со договорот за добрососедство со Бугарија ќе се разнебити македонската нација, наратив што не престанаа да го употребуват и денес. Но, ништо од сето тоа.
Она што го видовме од партијата на Мицкоски, беше кавгата со скопската градоначалничка за тендер вреден 136 милиони евра за изградба на пречистителна станица. Со тоа уште еднаш на виделина излезе вистинското лице на „патриотите“ од ВМРО-ДПМНЕ: секогаш на прво место им е полнењето на своите џебови, за разлика од интересот на граѓаните кој по правило им е целосно
неважен.
Од друга страна, Владата предводена од СДСМ и коалицијата во претходните шест години го реши деценискиот спор со Грција, ја зачлени земјата во НАТО, ги отстрани наметнатите внатрешни поделби, минималната плата ја донесе над 20 илјади, а просечната 34 илјади денари, додека платите на лекарите специјалисти надминаа 100 илјади денари.
Се разбира, не мислам дека сите проблеми се решени, дека граѓаните живеат во благосостојба. Но, она што може да се види и треба да се каже е дека, полека но сигурно, Македонија застанува на здрави нозе. Дека патот по кој се движи е долг и трнлив, но дека тоа е вистинскиот пат за кој нема друга алтернатива.
Заради сето претходно кажаното, нема да дадам одговорот на прашањето содржано во насловот на текстот. Останува одговорот да го каже секој од нас - прво пред себе, а потоа и зад гласачките паравани на следните парламентарни и претседателски избори.
Драгана Коцевска,
претседателка на ЛК на СДММ - Куманово