Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Претседателката на Координативниот одбор на Здружението на стечајните работници ,,УНИТ‘‘ Лилјана Георгиевска и претседателот на ВМРО-Народна Марјан Додовски во седиштето на стечајците работници во Куманово, денеска потпишаа меморандум за подршка.
Со Спогодбата, оваа партија во опозиција се обврза дека ќе им дава подршка за решавање на статусот на оваа социјална група граѓани оставени без никакви средства за егзистенција.
„ВМРО- Народна го става потписот на оваа спогодба и се обврзува дека сериозно ќе работи на решавање на проблемот на стечајните, работниците со статус на технолошки вишок и други граѓани кои вградија по неколку децении свој труд во изградбата на својата земја, и не по своја вина останаа на улица, без никакви материјални средства за егзистенција. Јас како претседател на ВМРО-Народна, пратениците, органите и телата на партијата се обврзуваме на континуиран социјален дијалог со стечајните работници, и со структурите на власта за конечно надминување на проблемот. Ние како партија ќе се бориме за законско решение со кое на стачајните работници ќе им се гарантира право на месечен паричен надомест во износ 100 евра до нивното повторно вработување или пензионирање. Проблемот мора да се надмине оваа година„ - рече во обраќање до стечајните работници претседателот на ВМРО-Народна Додовски.
Претседателката Георгиевска се заблагодари на заложбите на оваа политичка партија и рече дека ВМРО-Народна во вистинска смисла на зборот е народна. Таа и овојпат најави континуирани притисоци врз Владата на Никола Груевски со јавни протести и други манифестации на јавно изразување на незадоволството од својот социјален статус. На чинот на потпишувањето на спогодбата присуствуваше комплетното раководство на Општинскиот комитет на ВМРО-Народна на Куманово, како и претседателите на општинските одбори на стечајните работници од речиси сите градови на државава.