Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кумановските новинари и јавноста воопшто, со години „кубурат„ со администрацијата на Основниот суд, околу транспарентноста.
Колку пати до сега во Куманово доаѓал министерот за правда, толку пати новинарите му се пожалиле дека кумановскиот Основен суд е затворен за јавноста, по што министерот ветувал дека Министерството за правда ги има обезбедено сите предуслови за потполна транспарентност, и дека има опремено канцеларија за односи со јавноста и назначено портпарол за контакти со медиумите. Тоа подразбира дека граѓаните имаат можност во одредено време да дојдат во Канцеларијата и да се информираат за одрдени предмети од работата на Судот што се од нивен интерес. Новинарите, од друга страна, преку контакти со портпаролот ќе добиваат информации за одредени започнати или завршени судски процеси што се од интерес за пошироката јавноста. Така се одвива процесот на транспарентноста на судовите насекаде, но не и во Куманово. Министерот за правда Михајло Маневски, денес го посети кумановскиот Основен суд и во изјавата за медиумите се пофали дека е направен голем чекор напред во секој сегмент од правосудството, па и на планот на јавноста во работењето. Новинарите му се пожалија дека не е така, на што веднаш се спомена дека има назначената портаролка која им стои на располагање на медиумите во секое време и дека ќе им го даде и теолефонскиот број. На тоа одобрувачки климна со главата и претседателот на Основниот суд. Патем, добар дел од новинарите, до тој момент ниту знаеја кога дошло до смена ниту кој е новиот претседател на Судот! Министерот си замина и новинарите побараа прва изјава од претседателот. Тој ги одби кратко со зборовите дека ,,министерот кажал се‘ што треба да се каже‘‘. А новинарите сакаа да го замолат: најмалку двапати неделно судскиот портпарол да ги брифира за тоа што е најактуелно во судниците во текот на дотичната седмица, односно кои судски процеси во тековните денови имаат ,,тежина‘‘ за јавноста. Толку за почеток за транспарентноста на Судот. На потег е судската администарција на чело со претседателот, кој, ако ништо друго, треба да ги покани новинарите на едно кафе, преку нив да и‘ се претстави на кумановската јавност и со тоа практично на дело да го покаже тврдењето на министерот дека македонското праводсудство е транспарентно.