×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Тргнати тезгите од градскиот плоштад, оваа година ќе нема новогодишен базар во Куманово

    11.12.2023 16:15 | Оливера Пешевска

    Тезгите на платото пред Центарот за култура во Куманово, кои беа поставени по повод новогодишните празници, отстранети се во петокот вечерта по бурните реакции на граѓаните дека наместо да го разубави го нагрдува центарот на градот.

    Тргнати тезгите од градскиот плоштад, оваа година ќе нема новогодишен базар во Куманово

    Реакциите уследија откако закупците покрај дрвените куќички почнаа да поставуваат импровизирани метални и дрвени тезги покриени со церади, најлони и черги, со што го узурпираа целиот плочник, а во понудата покрај новогодишни честитки, украси, елки, сијалички, продаваа долна облека, обувки и разни дребулии.    

    „Општината одлучи да ја повлече согласноста за поставување на тие куќарки по што јас бев информиран дека треба да се отстранат во најкраток можен рок. Имаше реакции од закупците, но по направен акциски план ги отстранивме вечерта. Сите уплатени средства ќе се рефундираат на луѓето“, изјави Гезим Кадриу, директор на ЈП „Пазариште“ Куманово.

    Од Општина Куманово велат дека го укинале решението затоа што не се почитувал договорот, а реагирале по допрен глас од медиумите и јавноста.

    „Одлуката е поради заземање на поголема површина од предвидената, непочитување на комуналниот ред и создавање на грда слика во центарот на градот. Сега е веќе доцна, не може да се преземе ништо, но за следната година размислуваме за унифицирање на куќарките, кои би дале естетски изглед на еден таков базар“, вели секретарот на општина Куманово, Александар Гелевски.

    Новогодишниот базар ова година ќе нема во центарот на градот, но продавачите се на градскиот пазар каде што и вообичаено работат.

    Директорот Кадриу смета дека и граѓаните се ускратени за дел од новогодишната атмосфера, но и можноста да купат подароци за најмладите членови на семејството. Сепак се сложува дека дел од производите не беа соодветни на идејата како би требало да изгледа еден новогодишен базар. 

    Додека повеќето од граѓаните ја поддржуваат одлуката и сметаат дека општината правилно постапила со тоа што ги отстранила тезгите, има и размислувања дека требале само да ги тргнат импровизираните тезги и церади, а да ги остават куќичките со новогодишни украси и да ја надополнат атмосферата со уште некоја содржина.

    Идејата за организирање на празнични базари започна пред 20 години, како дел од проектот за прекугранична соработка и создавање на микрорегион помеѓу Куманово, Прешево, Гњилане, Трговиште. Замислата била да се продаваат сувенири, новогодишни украси и подароци, но и производи на малите производители и занаетчии со што би заживеала и локалната економија и малите и микро претпријатија. Но, идеја никогаш не се реализираше како што треба, туку се правеше панаѓур во центарот на градот.