Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Средното општинско училиште „Перо Наков“ е носител на проектот „Мисли глобално, делувај локално“, од програмата Еразмус плус, финансиран од страна на Национална агенција за образовни програми и мобилност на Република Северна Македонија.
Во проектот учествуваат училишта од Хрватска и Турција, како и организации од Италија и Кипар, а предвидено е да заврши до крајот на 2022 година.
Еден од финалните производи на проектот е Водичот за наставници за учење на социјално претприемништво, како и Наставен план за социјално претприемништво, како втор интелектуален резултат од проектот. Наставниот план е предвиден за учениците од средното образование.
„Содржината на програмата е поделена во пет модули, низ кои учениците ќе се стекнат со знаења и способности за социјалното претприемништво. Низ програмата, учениците ќе имаат можност да ги зголемат нивните организациски и менаџерски способности, способности за донесување одлуки, способности за поставување цели и приоритети при решавање на проблеми,
способности за тимска работа, промовирање човечко достоинство, слобода, еднаквост и солидарност, демократски принципи, во и надвор од училишниот живот. Преку програмата ќе се стекнат со одговорност кон сите живи суштества и околината, критичко размислување, вештини за аргументација и комуникација, кои се неопходни за општествено и политичко учество во активното
граѓанство, емпатија и уважување, како и прифаќање на различностите“, информираат од училиштето.
Програмата е предвидено да се изведува во СОУ„Перо Наков“ со вкупно 66 часа, т.е. 2 часа неделно, еден час наменет за вежби, еден за теорија. Низ програмата е предвидено учениците да стекнат знаења за социјалното претприемниптво воопшто, меѓутоа и да стекнат знаења и вештини за основање на едно такво претпријатие.
Како дел од активностите од истиот проект, наставници и ученици од нашето училиште, како и наставници и ученици од „Прва сушачка хрватска гимназија“ од Ријека, Република Хрватска, во изминатиов период беа во посета на Националниот едукативен директорат во Тузла, Република Турција. Учесниците имаа можност не само да го претстават водичот и наставната програма пред останатите чинители недукацијата, туку и да се запознаат со начините на образование во Турција.
„Учениците, како и наставниците имаа можност да посетат неколку училишта во коишто беа дел од наставниот процес. Учениците имаа можност да се запознаат поблиску со учениците од Турција, со нивните наставни програми, методите на учење, оценување и реализација на наставата. Наставниците имаа работни средби, на коишто ги договараа понатамошните чекори за реализација на активностите од проектот, како и поединостите за третиот аутпут од проектот. За време на мобилноста, учениците извршија неколку истражувања за потребите на проектот, во врска со тоа, со какви социјални проблеми се соочуваат луѓето во нивната средина. Проблемите, како и предложените решенија беа презентирани пред наставниците и беше реализирана дебата за актуелните и најважните проблеми поврзани со социјалното претприемништво“, додаваат од училиштето.
Повеќе информации во врска со проектот се достапни на веб страната www.thinkglobalentl.com како и на Facebook страната Think global, entrepreneur local.