Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Од петок попладне, под влијание на циклонска активност и серија влажни бранови од Медитеранот ќе има нови пообилни врнежи од дожд, придружени со засилен јужен ветер и локална појава на грмежи, информираат од УХМР.
Првиот поинтензивен бран на врнежи ќе биде ноќта петок кон сабота и поизразен ќе биде во западните и јужните делови, каде локално се очекува да наврнат над 40 литри дожд на метар квадратен.
“Во сабота преку денот ќе има извесен прекин на врнежите, а нов поинтензивен влажен бран ќе има во ноќните часови кон недела и во недела претпладне, кога на места врнежите ќе бидат поројни, проследени со грмежи и локално ќе наврнат нови 30 литри дожд на квадрат. Во петок и сабота ќе дува засилен до силен јужен ветер, кој на места ќе достигнува брзина над 80 км/час“ - вели Лена Јовановска, дежурен синоптичар во УХМР.
И во понеделник се очекуваат врнежи од дожд, но тие ќе бидат со слаб доумерен интензитет. За време на викендот дневните температури ќе бидат релативно високи и ќе се движат од 7 до 13 степени, а од понеделник ќе опаднат за неколку степени.