Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Непознати сторители ноќеска ја уништиле опремата за дотур на вода во фонтаната „Батко Ѓорѓија“ во Куманово.
Само десетина саати откако беше ставена во функција, некој ги скршил доводните цевки и прскалките, по што се исклучила и пумпата. Опремата е оштетена со цигли, бакатон плочки и празни шишиња, кои се пронајдени во коритото. Вандализмот утринава го забележале работници на ЈП “Водовод“, кои санирале дел од оштетувањата.
„Се случило преку ноќ и немаме информации за можните сторители. Во базенот има фрлени некакви камени плочи. Оштетени се прскалките и неколку доводни цевки за вода, прегорени се три осигурувачи за што е известена екипа на ЕВН. Е, сега по смена на тие осигурувачи ќе мора да се провери дали и водната пумпа е прегорена, затоа што мора да има причина за нивно прегорување. Направена е штета која во голем дел е санирана, но останува оној електричен дел да се поправи за да фонтаната профункционира“, изјави Оливер Стојмановски директор на ЈП „Водовод“ за Кумановоњуз.
Граѓани и вработени во инстутииците во центарот на Куманово, кажуваат дека вчера откако била пуштена фонтаната 20-тина деца се капеле цел ден. Голи или само во долна облека скокале во базенот, се прскале, дури тука и мокреле во него. Тие се прашуваат зошто некој не ги спречил во таквото однесување.
Директорот на „Водовод“ вели дека е недозволиво децата да се капат во фонтаната. Освен што е грда сликата за оние кои поминуваат по Градскиот плоштад, притоа е многу опасно за самите капачи.
„Апелираме да не се влегува во фонтаната, таа не служи за капење и разладување. Комбинацијата од вода и струја е смртоносна, па за општа безбедност е важно да се нагласи и да се спречи“, додава Стојмановски.
Се бара пронаоѓање на сторителите, бидејќи на околните објекти има и видео камери.
Ова не е прв случај да се уништува урбаната опрема и јавното добро во општината. Тие се постојано мета на неодговорни поединци, заради кои трпат сите граѓани.
И граѓаните и надлежните бараат од МВР да преземе конкретни мерки и што поскоро да го реши случајот, за да не се повтори откако фонтаната пак ќе се пушти во употреба.