Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово е меѓу најголемите во земјата. Во него се сместени повеќе од 150 лица, а уште дваесетина се на листа на чекање.
За старите лица се грижат само 8 негователи, а фалат уште 7. Во институцијата потребни е вработување на најмалку 15 вработени. Недостасуваат медицински сестри, стручен кадар и помошен персонал.
Директорот на Домот за стари лица „Зафир Сајто“, Дејан Стојановски, во видеоинтервју за Кумановоњуз, вели дека проблемот е во Министерството за труд и социјална политика (МТСП) кое не дава согласност за нови вработувања.
„Како институција една ипол речиси две години се соочуваме со еден сериозен проблем, а тоа е недостаток на кадар. Се обидовме да го решиме ама не наидовме на разбирање од МТСП. Нормативот предвидува на секои 10 корисници следува 1 неговател, што значи дека ние треба да имаме 15 негователи, кои би ги распоредиле во две - три смени. Во една ваква институција никогаш не се вишок негователи, медицински сестри, психолози, социјални работници, бидејќи работиме со најразлични видови на дијагнози и со живи луѓе“, вели Стојановски, кој се соменава дека мотивите на министерството се политички.
Тој додава дека потребата за сместување на стари лица во „Зафир Сајто“ е многу поголема од нивните можности. Домот е максимално пополнет, а постојано има нови барања. Поради тоа потребни се повеќе сместувачки капацитети во регионот, а проблемот ќе се реши со изградба на нови објекти или со финансиска поддршка на приватните домови, кои во моментот се прескапи за поголемиот број на семејства.
Државата има реална потреба од ваква услуга, поради брзиот начин на живот и отселување на младите, што доведе највозрасната група на граѓани да се најде во многу незавидна положба. Следејќи ги потребите на граѓаните, менаџментот побара согласност од советот за проширување на својата дејност за помош на стари лица во домашни услови, која ќе ја реализира во текот на годината.
Во земјават има пет старски домови меѓу кои и е и „Зафир Сајто“, под надлежност се на државата, а изградени се во педесетите години на минатиот век во Југославија.